Путин: Русија прифаќа транзит на гас во Европа преку Украина, но прво треба да го потпишат договорот

140

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека Русија продолжува да испорачува гас за Европа преку Украина, но дека договорот за снабдување истекува во декември оваа година.

„Постојат две рути (за испорака на гас) низ територијата на Украина. Едната од нив е мерната гасна станица Сорановка, која украинската страна ја затвори доста одамна. А што се однесува до другата рута каде што се наоѓа Суја, населено место – да, навистина сè уште испорачуваме на таа рута, испораките се уште траат, но договорот истекува на крајот на оваа година, во декември“, рече Путин во интервју за телевизијата „Русија 24“, пренесува Спутник.

Путин смета дека Киев нема намера да го продолжи транзитот на руски гас во Европа во 2025 година, иако има преземено обврски и се приклучи на европските закони и според тие правила, потребно било однапред да се резервираат капацитети за испораки.

„Помина рокот за резервирање испораки преку таа релација (преку мерната станица „Суџа“), кој во јули оваа година заврши. Колку што знам, досега од украинската страна немало никакви напори да продолжи таа работа. За да продолжат испораките, потребно е, пред се, да се потпише нов договор, а второ, резервирањето на тие капацитети требаше да започне во јули за некој да ги искористи“, рече Путин.

Тој додаде дека Москва не одбива да испорачува гас за Европа и дека за таа цел може да се користат неколку рути.

„Русија никогаш не одбива испораки, вклучително и преку украинската рута, но, судејќи според сè, Украина нема намера да го стори тоа. Покрај тоа, тие неодамна го повторија ставот дека украинските гасни компании немаат намера да го продолжат или склучат нов транзитен договор со Руската страна значи дека ја затвораат таа рута“, заклучи Путин.

Во август, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека никој нема да потпише договор со Русија за продолжување на транзитот на руски гас преку Украина, кој истекува на крајот на 2024 година, додека советникот на шефот на кабинетот на Зеленски, Михаил Подољак, изјави дека Украина ќе го прекине транзитот на руската нафта и гас во земјата од 1 јануари 2025 година, пренесува Танјуг.