Фестивалот КРИК се вклучува во одбележувањето на 300 – годишнината од раѓањето на Кант

15

Деветотто издание на КРИК фестивалот за критичка култура завршува во сабота (26 октмоври) со настанот насловен „Низ патеките на (не)разумното – 300 години од раѓањето на Имануел Кант“.

Во партнерство со Гете институт – Скопје, Контрапункт му го посветува 26 октомври (сабота) на Имануел Кант, еден од најзначајните германски филозофи, по повод триста годишнината од неговото раѓање.

-Перформативното критичко исчитување на клучните императиви на Кант за етичкото и убавото, ќе бидат артикулирани во јавниот простор социо-културно, естетски и политички обележан со интервенцијата наречена СК2014, низ градската прошетка чија авторка е Ивана Драгшиќ. „По патеките на (не)разумното“ е нова итерпретација на прошетката низ центарот на градот, позната како „Скопје 2014“ кич тура. Чекорејќи низ грдата замисла за градот на само еден човек, спојуваме наративи и осознаваме како „Скопје 2014“ всушност е можно. На одредни точки од прошетката публиката ќе има ексклузивна можност да ja слушне и музичката интерпретација на оваа тема преку визјата на Алембик (Ива Дамјановски и Виктор Танасковски), како и размислувањата на двајца реномирани германски филозофи Јирко Краус (Лајпциг), Рајнер Тоцке (Лајпциг), велат од Крик.

Прошетката ќе започне точно во 15:30 часот, пред Музејот на македонската борба за независнот и ќе трае до 17:30 часот.

Вториот дел од  критичкото дијалогизирање со Имануел Кант ќе започне со панел дискусијата која ќе се одржи во КСП Центар – Јадро, со почеток во 18:30 часот. Модератор е Артан Садику, воведничарка Тијана Ана Спасовска, а панелисти се Јирко Краус (Лајпциг), Рајнер Тоцке (Лајпциг) и Јасмина Поповска (Скопје). Во завршницата на настанот ќе настапи на музичарот Јордан Костов.

-Кантовата естетика, особено концептите за убавина и возвишено, може да се применат на новите знаменитости воведени од Скопје 2014, и воопшто, на клучните прашања кои креираат еден јавен, критички, и општествен простор. Фундаменталната идеја на Кантовата „критичката филозофија“ е човечката автономија како предуслов за функционалната заедница. Интердисциплинарниот настан „Низ патеките на (не)разумното“ има за цел да го испита односот помеѓу етиката и естетиката преку Кантовата перспектива. Токму затоа, во фокусот ќе ги имаме „етиката на единството“, која го нагласува управувањето со различностите додека промовира почит, автономија и заеднички просперитет и “естетика на хармонијата“, која истражува како концептите за убавото и возвишеното можат да поттикнат заедништво во регион кој се карактеризира со културен диверзитет. Со интегрирање на Кантовите императиви, кои ја нагласуваат слободата на самоопределување и улогата на разумот во етичките размислувања, имаме цел да ја нагласиме неопходноста од почитување на различностите и етичкиот третман на поединците во заедницата, додека се осврнуваме на комплексноста на урбаното планирање и културната политика, додаваат од Крик.