Речиси 11 години по несреќата на скијање на француските Алпи, здравјето на Михаел Шумахер е енигма. Никој освен најблиското семејство и неколку пријатели не го гледа најдобриот возач во историјата на Формула 1, а семејството се заканува со тужби доколку некој се обиде да открие како изгледа сега легендарниот Германец и каква е неговата здравствена состојба.

Повремено излегуваат какви-такви информации за Михаел Шумахер, а сега италијански „Кориере дело спорт“ пишува дека досегашните трошоци за негово лекување изнесуваат вртоглави над 70 милиони евра. Кога ќе се сведе на годишно ниво, тоа би значело дена трошоците за неговата нега и лекување достигнуваат околу седум милиони евра.

Еден од најважните третмани кои Шумахер моментално ги прима е терапијата со матични клетки, а го лекува францускиот кардиолог д-р Филип Менаш, еден од најголемите експерти во својата област. Со различни терапии и иновациски методи се обидува да ја поттикне регенерацијата на нервниот систем кој бил оштетен по тешката несреќа. Терапијата со матични клетки функционира на тој начин што ги пренесува клетките од срцето и коскената срцевина на Шумахер во други делови од телото, вклучувајќи го и мозокот, а потоа тие „работат“ на обновување на ткивата и нервите. Исто така, италијанските лекари неодамна изјавија дека е сосема извесно дека Шумахер поради подолго лежење боледува и од мускулна дегенерација и остеопороза, но дека едноставно ништо друго не е можно.

Иако семејството Шумахер поседува милиони, сепак ваквите медицински трошоци се огромен товар. Семејството Шумахер сè уште заработува од неговиот имиџ и работа, но поради високите трошоци за лекување морале да ја продадат колекцијата на часовници на Михаел, приватен авион, една од куќите лоцирани во Норвешка, а неговата сопруга Корина ќе мора да продолжи да продава работи и надвор од имотот.

Во меѓувреме се појавија гласини дека Михаел присуствувал на венчавката на својата ќерка Џина, како и дека ќе се појави на свадбата на синот, но тоа не е потврдено и од семејството.