Георгиева: Економскиот раст е најбавен во последните децении

10

Во следните пет години, глобалниот економски раст ќе забави до просечна стапка од 3,1 отсто и тоа ќе биде најбавниот раст во последните децении. Живееме во пофрагментирана глобална економија, а трговијата повеќе не е движечка сила за раст, порача од Вашингтон, управната директорка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) Кристалина Георгиева за време на годишните состаноци на фондот и Светот банка (СБ).

Таа го презентираше најновиот извештај на ММФ за глобална агенда за политика, кој се фокусира на два приоритети: Обезбедување меко приземјување за економиите и излегување од патот на високиот долг и нискиот раст.

„Ова може да се постигне со обезбедување дека инфлацијата се враќа на целните нивоа насекаде во светот. Големите централни банки, вклучително и онаа на САД, тргнаа по патот на намалување на каматните стапки. Специфичниот момент сега е да се заврши задачата за намалување на инфлацијата без да му наштети на пазарот“, посочи Георгиева и додаде дека мора да се дејствува во однос на намалување на дефицитите и долговите.

Глобалниот државен долг е на пат да надмине 100 трилиони долари оваа година, што претставува 93 отсто од бруто домашниот производ (БДП), а до 2030 година се очекува да достигне 100 проценти од глобалниот БДП.

„Глобалната економија е во опасност да биде заглавена на патот на низок раст и висок раст на долгови. Тоа значи пониски примања и помалку работни места, но и пониско ниво на државни приходи и помалку средства за поддршка на семејствата и борба против долгорочните предизвици како што се промените на климата“, изјави таа.

По години неопходна фискална поддршка како одговор на шоковите, сега е време за обнова на фискалните бафери, повика шефицата на ММФ. Според неа, критично е важно земјите да спроведат реформи за поддршка на економскиот раст – од намалување на бирократијата до подобрување на политиките за управување.