Советник на Ред бул, Хелмут Марко, јавно го пофали Лиам Лосон за извонредното возење во Остин, со што почна да се тресе столчето на Серхио Перез во овој тим.
Лиам Лосон уште еднаш ги покажа своите возачки способности на трката за ГН на САД. Поради промена на погонската единица, тој стартуваше од задниот дел на гридот, што не го спречи да постигне импресивен резултат.
Возачот на VCARB стартуваше на 19. позиција и на крајот заврши на деветтото место, освојувајќи два вредни бода.
Овој подвиг не остана незабележан, па Хелмут Марко имаше само пофални зборови за младиот Новозеланѓанец.
- Лиам возеше неверојатни кругови, исклучително константен е и брз. Ова беше негов најдобар настап досега и покажува колку е важно да им се даде шанса на младите возачи – изјави Марко за „F1maximaal“.
Настапот на Лосон беше главна тема по трката, особено во контекст на неговото деби оваа сезона.
И додека беше тој одличен, Серхио Перез имаше уште една тешка трка.
Мексиканецот се мачеше во текот на целата трка и заврши на седмото место, далеку под очекувањата.
Неодамна се појавија шпекулации дека и Перез би можел да објави свое повлекување на домашната трка во Мексико. Но, Марко ги отфрли тие шпекулации, наведувајќи дека Перез нема намера да се откаже.
- Тоа се само шпекулации – вели Марко.
Иако Перез немаше нови надградби на болидот како Макс Верстапен, тоа не го оправдува побавното темпо.
Марко јасно стави до знаење дека се очекува повеќе од Перез, особено на крајот од сезоната.
Во Ред бул има голем притисок, а неизвесните настапи на Перез само дополнително ја комплицираат ситуацијата.
Со своето возење, Лосон покажа дека може да се справи со предизвиците, а тоа дополнително го притиска поискусниот Перез.
Сега е прашање дали ќе успее Мексиканецот да ја подобри формата пред крајот на сезоната. Се соочува со тешка домашна трка во Мексико, овој викенд.