Обезбедени дополнителни 24 милиони денари за чистење на депонијата во ОХИС

20

Министерството за животна средина и просторно планирање да ги префрли средствата наменети за чистење на контаминираната локација во ОХИС на сметката на Мултипартнерскиот фонд за животна средина, во висина од 24.453.000 денари.  Со оваа одлука, која ја донесе Владата на последната седница, нашата држава ги исполнува обврските за обезбедување средства на годишно ниво, согласно со одлуката на Владата од 2013 г., на која се обврза, дека со постепено одвојување средства, ќе го поддржи елиминирањето на контаминираниот материјал од кругот на ОХИС.

Мултипартнерскиот фонд за животна средина е фонд што е формиран од Владата на Република Северна Македонија, со цел да се мобилизираат средства од повеќе извори за решавање на долгогодишниот проблем со историскиот отпад во кругот на ОХИС. За администрирање со средствата од овој фонд е задолжен УНОПС, како имплементациска агенција, која, исто така, има обврска да мобилизира дополнителни средства за комплетна ремедијација на малата депонија и за изнаоѓање решенија за големата депонија, што е наведено во договорот за формирање на Фондот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и УНОПС.

Досега се спроведени активности за чистење на малата депонија, распределени на ЛОТ 1, ЛОТ 2, ЛОТ 3 и на ЛОТ 4, согласно со процедурите од јавна набавка објавена од УНИДО и УНОПС.

Активностите на ЛОТ 1 започнаа во септември 2021 година, на ЛОТ 2 во јуни 2022 година, на ЛОТ 3 во јуни 2023 година и на ЛОТ 4 во март 2024 година. Собраниот висококонцентриран HCH-отпад е транспортиран и уништен во погоните на „Треди“ во Франција, додека почвата контаминирана со HCH се транспортира во постројката „Индавер“ во Германија.

Досега се транспортирани и уништени 1.932,35 тони висококонцентриран HCH отпад и 586,37 тони почва контаминирана со HCH.

За реализација на активностите, изработени се планови за ремедијација за секој поединечен ЛОТ, доставени од компанијата „Polyeco“ од Р Грција, компанија што е избрана од УНИДО и УНОПС, преку постапка за јавна набавка.

Според досегашните испитувања, останува да се отстранат уште 300 тона висококонцентриран HCH отпад и 1.500 тона почва контаминирана со HCH- изомери.