Драстично влошена здравствената состојба на локалното население, кое бара современа депонија по еколошки стандарди

72

Претставниците на здруженијата „Ринија е Батинцес“ и „Вукат“ му се пожалиле на министерот за животна средина и просторно планирање, воедно и прв потпретседател на Владата, Изет Меџити, изразувајќи ги своите загриженост и незадоволство од лошото управување со отпадот и со медицинскиот отпад од страна на јавното претпријатие „Дрисла“, со кое раководи Град Скопје.

Претставниците на двете здруженија го информирале министерот дека како резултат на несоодветното управување од страна на дирекцијата на оваа депонија, има драстично влошување на здравствената состојба на жителите на селото Батинци и во околината.

Притоа, тие побарале само едно: современа депонија според еколошки и европски стандарди. Од Министерството за животна средина, преку соопштение, информираа дека министерот Меџити, на средбата со здруженијата, ветил дека, во соработка со Државниот инспекторат за животна средина, ќе се разгледа нивното барање и ќе се изврши увид во дејноста и начинот на кој постапува ова претпријатие со отпадот.

-По набљудувањето на ситуацијата на терен, Министерството за животна средина ќе ги разгледа можностите за изнаоѓање на потребните средства и алатки за модернизација на депонијата „Дрисла“ и за подобрување на животниот стандард на жителите што живеат во нејзина близина – се наведува во соопштението.

(А.П.)