Прв ваков потфат во светот! Швајцарците ќе поставуваат соларни панели на шините – ќе биде како тепих/ВИДЕО

165

Во Швајцарија, соларни панели ќе бидат поставени долж железничките линии како тепих, во првиот таков потфат во светот.

Швајцарскиот старт-ап „Sun-Ways“ доби зелено светло за тригодишен проект во кантонот Нешател, а работите треба да почнат на пролет следната година.
Бидејќи европската енергетска транзиција мора да се забрза, се бараат нови решенија на различни површини.

Резервоарите, фармите и патиштата би можеле да бидат нови места за соларни панели.

Иако други компании имаат слични идеи, Sun-Ways е првата која го патентира системот, кој подоцна може да се отстрани, во соработка со Швајцарскиот федерален институт за технологија во Лозана.

„Ова ќе биде првпат долж железницата да се постават соларни панели, а над нив ќе минуваат возови“, изјави извршниот директор на компанијата, Џозеф Скудери.

Швајцарската компанија ќе користи механички систем за поставување на соларните панели. Возот, развиен од швајцарскиот „Шеучцер“, ќе ги инсталира панелите додека се движи по пругата.

„Ќе биде како да раширите тепих“, велат оттаму.

Панелите најпрво ќе се склопуваат во фабриката, а ќе зафаќаат ширина од еден метар. Наводно, тие ќе можат да поставуваат и до 1.000 квадратни метри панели дневно.

За време на тригодишната пробна фаза, 48 соларни панели ќе бидат додадени на дел од патеката долга 100 метри, а цената на проектот е 623.000 евра.

Електричната енергија што ќе се произведува ќе се враќа во мрежата и ќе ги напојува домовите. Теоретски, панелите би можеле да се постават долж целата швајцарска железничка мрежа, долга 5.317 километри и би можеле да покриваат површина од 760 фудбалски терени.

Оваа компанија, освен во Швајцарија, развива слични проекти и во Шпанија, Романија и Јужна Кореја.

Сепак, патот до успехот ќе биде долг бидејќи многумина се загрижени дека панелите би можеле да претрпат микро пукнатини или да придонесат за избувнување пожари на зелените површини, како и за заслепување на машиновозачите со рефлектирачка светлина.

Од „Sun-Ways“ велат дека овие панели се поотпорни и можат да имаат филтер кој би спречил рефлексија.