Резултатите на двајцата тестирани на птичји грип се негативни

13

Од Институтот за јавно здравје посочуваат дека се направени епидемиолошки анкети на сите 16 вработени во скопската Зоолошка градина, кои се доставени од списокот, и направено е и тестирање на две лица кои пројавиле симптоми на птичји грип, но резултатите биле негативни.

– На 21 октомври, во согласност со протоколите, направено е тестирање на птичји грип во Одделението за вирусологија во ИЈЗ, референтна лабораторија, која е меѓународно акредитирана за дијагностика на инфлуенца, грип од хумано и анимално потекло, на лице што во епидемиолошката анкета има наведено дека еден ден имало симптоми на покачена телесна температура. Воедно, тестирано е на ист начин и второто лице вработено во ЗОО, кое не е на доставениот список од 16 луѓе вработени во ЗОО, но на 21 октомври се пријавило во ИЈЗ со тековни симптоми. Ве известуваме дека по добиените резултати од спроведените тестирања, двете лица се негативни на птичји грип – велат од ИЈЗ.

Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, вчера изјави дека здравствен надзор, во согласност со протоколите, не подразбира карантин и изолација, туку медицинско следење во текот на следните две недели дали вработените што биле во контакт со птиците ќе пројават каков било симптом, кој понатаму би требало да се испитува дали се работи за птичји грип.

Зоолошката градина беше затворена за посетители во неделата на 20 октомври и

Активистите од Зелен хуман град побараа Зоолошката градина да ги подобри основните услови за живот на животните, а додека тоа не се случи, ќе поднесат барање за мораториум до Советот на Град Скопје да се стопира внесот на нови животни додека не се обезбедат минимални стандарди за нивна добросостојба.

– Зоолошката градина треба да ја гледаме како луксуз, а не како евтин спектакл! Ако сакаме да видиме здрав и прав слон донесен дури од Африка, можеби ќе треба да инвестираме повеќе од 80 денари за билет, исто како што плаќаме 370 денари за филм во „Синеплекс“ – реагираат од Зелен хуман град.

Тие додаваат дека ако навистина сакаме зоолошка со здрави животни и пријатни услови како во другите европски градови, треба да бидеме подготвени да инвестираме во неа.

– А ако не сме подготвени на тоа, тогаш можеби ќе дојде денот кога ќе имаме само холограмска зоолошка полна со проекции на животни од целиот свет – потенцираат од Зелен хуман град.

Оттаму наведуваат дека животните во скопската Зоолошка градина преживуваат во услови што не се здрави ниту за нив, ниту за луѓето, а особено за децата кои секојдневно ги посетуваат.

– Состојбата со птичјиот грип само ја открива вистината што сите ние ја игнорираме. Овие животни заслужуваат подобар живот – велат од Зелен хуман град.