Со владината поддршка и со средства од општинскиот буџет ќе се реализираат над 30 инфраструктурни проекти

104

Општина Битола доби поддршка од Владата во висина од 230 милиони денари, за 16 проекти со кои аплицираше на јавниот повик за финансирање инфраструктурни проекти.

Од локалната самоуправа велат дека ваквата поддршка е од огромно значење за комплетно подобрување на дел од инфраструктурата во урбаниот и во руралниот дел на Општината, како и за изградба и за реконструкција на објекти од високоградбата.

Вкупната проектирана вредност за аплицираните проекти изнесува 275. 990. 000 денари, а потребното кофинансирање ќе го дообезбеди Општина Битола од својот буџет.

Во овие проекти се вбројуваат: реконструкција на уличното осветлување на улицата „СТУ 3“; реконструкција на коловозот на локалниот пат за селото Буково; реконструкција на коловозот на локалниот пат Трново – Магарево (последна фаза до границата со НП „Пелистер“); изградба на коловоз на улици од ДУП за БЛР 4 и дел од ДУП БЛР 4, блок 2 (улиците 150, 170, 210); изградба на инфраструктура на улицата „СТУ 3“ АРМ кварт 1; реконструкција на коловозите на улицата „Панде Кајзеро“ и на булеварот „1 Мај“ – јужна страна на реката Драгор, од спојот со улицата „Добривоје Радосављевиќ“ до спојот со улицата „Свети Наум“. Потоа, реконструкција на улиците „11 Март“, „Панде Николов“, „Козара“ и „Чеде Филиповски“, како и улично осветлување на улиците „11 Март“, „Панде Николов“; реконструкција на водоводната линија на патот Битола – село Поешево – село Логоварди; изградба на фекална канализација и атмосферска канализациска мрежа на улици од ДУП за БЛР 4 дел и ДУП БЛР 4 дел блок 2 (улиците 150,170, 210); реконструкција на канализацијата на улицата „Панде Кајзеро“; изградба на канализација на улицата „СТУ 3“ АРМ кварт 1 (фекална и атмосферска со приклучоци); реконструкција на фасадата – изведба на нова енергетски ефикасна фасада на ООУ „Стив Наумов“; изградба на центар за спорт и рекреативни активности, санација на Јужната трибина на фудбалскиот стадион „Петар Милошевски“.

Дополнително, во развојната компонента, локалната самоуправа, согласно со општинските програми, за следната година вклучува и реализација на следниве проекти: изградба на паркинг-простори кај Овчи пазар, кај Ат пазар; реконструкција на коловозот на улиците „Влатко Миленковски“, „Паца Ванчова“ и „Гаврило Принцип“; изградба на коловоз на уличната мрежа во селото Карамани; реконструкција на коловозот на улиците „Седма бригада“, „Караорман“, „Љубојно“, „Мукос“ и „Петта“, „Христо Ботев“; изградба на пат до манастирот „Свети Меркуриј“ во селото Барешани; реконструкција на коловозот на улицата „Димитар Тодоровски“ (Единаесетта); реконструкција на улици во населбата Јенимаале и реконструкција и изградба на 10 нови спортски игралишта.

За овие проекти, како и за предлозите што ќе произлезат од буџетските форуми, кои започнуваат на 24 октомври, ќе бидат инвестирани средства од општинскиот буџет.

Ваквата соработка помеѓу Владата и Општината создава големи можности за развој на Битола, преку подобра инфраструктура и услови за нови инвестиции.