Италијанците добија суспензија поради инцидентот на ОИ

29

Италијанската машка ватерполо репрезентација е суспендирана од меѓународните натпреварувања на шест месеци, откако играчите им свртеа грб на судиите за време на натпреварувањето на Олимписките игри во Париз, соопшти Светската федерација на водени спортови.

За време на четврт-финалето против Унгарија на 7 август, кое Италија го загуби, судијата исклучи италијански играч поради насилничко однесување и му го поништи голот.

По враќањето во Олимпиското село, италијанските ватерполисти ги виделе судиите и претставниците на Светската водена федерација и вербално и физички ги нападнале.

Во мечот за петтото место, два дена подоцна против Шпанија, италијанските ватерполисти им свртеа грб на судиите пред почетокот на дуелот.

Претставниците на италијанската федерација поднесоа три жалби до Светската федерација и Судот за спортска арбитража (ЦАС) против одлуката за исклучување на нивниот играч против Унгарија.

Доколку се утврди дека не се однесувал насилно и се укине казната, резултатот нема да се промени.

Италијанскиот ватерполо сојуз ја критикуваше сериозната техничка грешка на судиите и ВАР технологијата што, како што се наведува, влијаела на пласманот на репрезентацијата.

Федерацијата нема да се жали на суспензијата, но ја нагласи потребата „судиите да имаат технички елементи на високо ниво“ за да се избегнат „вакви очигледни грешки“.

Суспензијата нема да влијае на учеството на Италија на Светското првенство следното лето во Сингапур.