Коментар: Уште една орвеловска драма

412

Скопје нема Зоолошка градина каква што прилега на една метропола, но, сепак, стотици граѓани не само од Македонија туку и од регионот секојдневно ја посетуваат. И покрај малиот број животни и штурите активности што им се на располагање, поминуваат неколку часа со своите најмали и најмили. Па и не е така лошо. И млади и стари уживаат во прошетката, во претставата што им ја овозможуваат зоо-негувателите со хранење на морските лавови, во маестралното пливање на пингвините, во јавањето пони, во возењето со вовчето или во хранењето на младенчињата во Бејби зоо… а речиси и нема викенд кога нема роденденски прослави. Секој си наоѓа каква-таква забава. Редовните посетители знаат дека во сабота и во недела се бара место повеќе на преполниот паркинг. Глетката е секогаш иста – дечињата трчаат, возрасните раскажуваат… сè на сè, Зоолошката, каква-таква, нуди интересно минати неколку часа за целото семејство.

Токму затоа веста за затворањето на Градината без претходна најава, поради птичји грип, сериозно ги загрижи сите што биле во посета во изминатите денови. Клучот на врата со едноставното соопштение на управата, отпечатено на хартија и залепено на решетките, дека „поради технички – оперативни работи“, беше аларм за паника за многумина што ја посетиле во изминатите денови. Дотолку повеќе што сè се случуваше во саботата, кога матичните лекари не работат, а веста „Смртоносна бактерија – птичји грип е најдена во Зоолошката градина – Скопје“ на социјалните мрежи ја напиша ексдиректор на Градината. Во објавата, тој, меѓу другото, „ги замоли посетителите и колегите, сите што ја посетиле деновиве, да се проверат“.

Оваа вест како вирус се пренесе по социјалните мрежи, граѓаните бараа повеќе информации, но надлежните институции не одговараа. Залудно беше инсистирањето на новинарите да добијат информација повеќе што се случува навистина, но никој не одговараше на повиците. Дури по неколку часа стигна соопштение од АХВ дека, поради сомнеж за птичји грип, се уловени триесетина птици и дека Градината ќе биде затворена за посетители. А, малку потоа и од управата на Зоолошката дека без никаква најава, екипи на АХВ со скафандери влетале и извршиле масакр на птици, по што ја затвориле. Обвинија за политички реваншизам. Беа објавени „нехумани“ видеа и слики од евтаназијата со фрлање полуживи птици во канта за ѓубре, што дополнително ја зовре јавноста.

И додека надлежните не одговараа на повиците, очигледно зафатени со пишување соопштенија, граѓаните се прашуваа што се случува навистина. Оние што претходно биле во посета на Градината, но и оние што шетале во Градскиот парк се прашуваа како да постапат: „Птиците си се птици, не може да се контролира нивното движење“.

И со оглед на тоа што беше неработен ден, се „гуглаа“ симптомите, се прашуваше како да се тестираат, дури имаше и прашања дали се безбедни пилешкото и јајцата за јадење, дали се опасни гулабите што слетуваат на балконите…

За среќа, стигнаа одговори на сите овие прашања, со смирувачки тон, исто така на социјалните мрежи, од неколкумина доктори. Најпрво објаснија дека не се работи за „бактерија“, туку за „вирус“, а потоа со исцрпно објаснување за каква болест се работи, колку часа трае инкубацијата… дека „место за страв и паника не треба да има, бидејќи ризиците за заразување навистина се занемарливо мали“. Нивните објави се споделуваа и тоа некако ја потсмири јавноста.

Зоолошката ќе биде затворена во следните три недели, а што ќе се случува понатаму, останува да видиме.

Она што го извади птичјиот грип на виделина, по којзнае кој пат, е заразеното општество од вирусот „гнили институции“ што не умеат да ги изменаџираат проблемите или, пак, ги користат за свои цели. Оти вакви орвеловски драми следиме секој ден.

Целата држава е заразена од граѓанска негрижа и од институционална неспособност. Се давиме во сопственото ѓубре, деца во училишта добиваат труење од храна, жителите на Гостивар и на Струмица пиеја вода загадена од бактерии и од тешки метали, умираат бебиња во болници… Пука по сите шевови.

Еден од влијателните инфлуенсери на шега напиша на Фејбук: „Само да не нè тераат раце да миеме и маски да носиме“… По сè изгледа, маски ќе мора да се носат, но како заштита од реата од секојдневната „политичка борба“ на нашите и вашите.

Елизабета АРСОСКА