Езерото Младост може да се спаси со дотур на свежа вода

66

Општина Велес бара помош од Владата за спас на езерото Младост. Оттаму велат дека е потребен дотур на свежа вода до езерото, потребен е кислород за живиот свет. Анализите на Општината покажале дека единствено може да се обезбеди свежа вода од Отовичка Река.

– Ќе преземеме механичко чистење на коритото на реката. Потребни се и пари за чистење на вентилите на браната од езерото за да може да се испушти дел од водата во акумулацијата – вели Петре Цилаков, раководител на Секторот за животна средина во Општина Велес.

Треба да се испита и можноста да се користи водата од езерото Јарбош за полнење на езерото Младост, за што било и создадено. Тоа е под концесија на ловечкото друштво „Руен“. Лани, непознати сторители со булдожер ги затрупале изворите и сега езерото Јарбош е полупразно.

Опцијата за полнење на езерото Младост со вода од езерото Лисиче, што беше актуелно 20 години, е отфрлена од консултантите ангажирани од КФВ банка, која го додели кредитот за изградба на цевковод. Таквата можност е оценета како нерационална и несоодветна. Стручните лица сметаат дека ќе се нарушат флората и фауната на езерото доколку се помешаат водите.