Во Тработивиште се сукаа зелници и се правеа јадења од зелка

49

Во делчевското село Тработивиште вчера по четврти пат се одржа манифестацијата „Зелкаријада” која ја промовира најзастапената земјоделска култура што се децении се одгледува на овие простори.

– За разлика од првата година кога на манифестацијата имавме помалку гости како за почеток, од година во година манифестацијата прерасна во настан со повеќе учесници. Веќе имаме повеќе посетители и затоа решивме да претставиме се што се произведува од овој крај, значи се враќаме на традиција на старите рецепти со акцент на зелката – истакна Сузана Новоселска од село Тработивиште.

Во Тработивиште  околу  десетина семејства произведуваат зелка, а интересот со тек на времето, како што додадва Новоселска, се враќа во последните неколку години.

На годинешната „Зелкаријада“ учествуваа и гости од Бугарија и Србија.

– Ние подготвуваме само автентични јадења и изведуваме само автентичен фолклор и се надеваме дека нашата соработка ќе продолжи. Домаќините ни ги овозможија сите продукти, а се надевам дека нашата понуда ќе им се допадне на гостите – истакна гостинка од Логодаж, Бугарија.

– Ние како што е и името на самиот настан „Зелкаријада“ подготвуваме зелка со месо. Околу 5,6 часа се подготвува овој рецепт. Имаме добро гостопримство се надевам и понатаму ќе соработуваме – истакна Далибор Вуксановиќ, учесник на настанот од Чачак,Србија.