– Динамиката на пристапувањето во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА) зависи од степенот на подготвеност на земјите и од степенот на усогласеност на националната правна рамка со европското законодавство, за чија оцена беше обезбедена и техничка помош од Светската банка. Нашата земја, Албанија и Црна Гора од Светската банка, во овој процес, беа оценети со висок степен на усогласеност со правната рамка и беа првите три од шесте земји од Западен Балкан чии централни банки, во текот на јуни и на јули, поднесоа апликации за членство до Европскиот совет за плаќања. Очекувањата се дека трите земји се со голема можност за скорешно пристапување во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), вели вицегувернерката на Народната банка, Емилија Нацевска.

Таа потенцира дека со поднесувањето на апликацијата со целата придружна документација, која претставува огромен пакет од документи, нашата земја покажала дека релевантната европска регулатива е преточена во домашното законодавство, а пристапот до европскиот платежен систем ќе подразбира користење на придобивките пред земјава да стане полноправна членка на ЕУ.

– Членството во СЕПА е една од приоритетните активности што се поддржани со најновиот план за раст од страна на Европската комисија, која има цел забрзана економска интеграција и доближување на регионот до единствениот пазар на ЕУ, што ќе овозможи граѓаните и компаниите што поскоро да ги почувствуваат придобивките од членството. Со пристапувањето, значително ќе се намалат трошоците за прекугранични плаќања во евра, ќе се обезбедат подобри услови за меѓународна соработка, трговија и инвестиции, ќе се подобри управувањето со готовинскиот тек, ќе се зајакне пристапот до пазарите во ЕУ, ќе се подобрат односите со деловните партнери преку побрзо порамнување на плаќањата – истакна вицегувернерката Нацевска.

Според неа, главен двигател на СЕПА е поттикнувањето на конкуренцијата, а со тоа намалување на трошоците и забрзување на прекуграничните плаќања, кои ќе се извршуваат во рок од еден ден, а доколку се користат системите за инстант плаќања − во рок од неколку секунди.

− Пристапувањето ќе биде особено значајно за дознаките, бидејќи кај нас, па и во регионот на Западен Балкан, тие играат значајна улога во економијата, достигнувајќи дури и до 15 % од БДП. Трошоците за извршување на дознаките, кои се околу 6,7 % од износот на трансакцијата тековно, ќе се преполоват на околу 3 %, при што на ниво на регионот на Западен Балкан ова може да придонесе за заштеда од дури половина милијарда евра. Се очекуваат значајни заштеди и кај фирмите – рече Нацевска.

Според студија на Светската банка, која ги анализира трошоците за извршување плаќања од микро, малите и на средните фирми помеѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија, плаќањето на износ од 5.000 евра од фирма во Западен Балкан кон фирма во ЕУ чини 10 пати поскапо отколку она помеѓу фирмите во ЕУ.

– Трошоците во обратна насока, кога плаќа фирма од ЕУ кон фирма од Западен Балкан, се уште повисоки, односно 12 пати повисоки во споредба со тоа кога се извршува плаќањето помеѓу фирмите од ЕУ. Трошоците за плаќањата на поголеми износи се уште повисоки – истакна вицегувернерката Нацевска. Според проценките на Светската банка, членството во СЕПА може да ја намали и сивата економија за 2 процентни поена во регионот на Западен Балкан – посочи Нацевска.

Вклучувањето во СЕПА е приоритет за Народната банка и за другите институции вклучени во процесот, истакна Нацевска, кое ќе овозможи забрзување на трговската и на финансиската интеграција на земјата во ЕУ и повисок економски раст.