Филмот „М“ на Вардан Тозија освои уште една награда откако беше прогласен за апсолутен победник на Интернационалниот филмски фестивал „Гримфест“ во Манчестер.

Македонскиот филм, во продукција на „Фокус покус“, ја имаше својата британска премиера на шеснаесеттото издание на „Гримфест“, кој се вбројува во најзначајните жанровски компетитивни фестивали во Велика Британија. Одржан од 3 до 6 октомври, во мултиплекс киното „Odeon Great Northern“, главната селекција на годинашниот фестивал вклучуваше 21 долгометражен филм од сите делови на светот, во најголем дел светски или британски премиерни прикажувања. Со извонредна постава на хорор, научнофантастични и на фантастични филмови, фестивалот кулминираше со долгоочекуваното објавување на победниците на наградата „Grimm Reaper“, наградувајќи ги најдобрите во различни категории.

Добитник на наградата за најдобар филм беше „М“ на Вардан Тозија, филм што го одушеви жирито со својот емотивен интензитет и со длабокото тематско истражување. Жирито подвлече дека „М“ бил истакнат во речиси секоја категорија во која се натпреварувал, што го прави јасен избор за годинашната главна награда.

– Наградата за најдобар филм ја доби „М“ на Вардан Тозија. Дистописката приказна што доаѓа од С Македонија следи мало момче што патува само, како последица на пандемијата што го опустоши човештвото – пренесе престижниот „Screen Daily“ непосредно по доделувањето на наградите.