АХВ: Потврден е случај на присуство на вирусот на Птичји грип во Зоолошката градина во Скопје

32

По угинување на една гуска лоцирана во езерцето во Зоолошка градина Скопје и поставен сомнеж за болеста Авијарна инфлуенца (Птичји грип), по лабораториско тестирање на угинатата птица, со лабораториски резултат од Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје од вчера потврден е случај на присуство на виосокопатоген сој на вирусот на Птичји грип H5N1, информираат од Агенција за храна и ветеринарство (АХВ). 

Во текот на денешниот ден, од страна на надлежен официјален ветеринар спроведен е надзор во Зоолошката градина и наредени се мерки за надзор на болеста, а извршено е хумано убивање и нештетно отстранување на следните видови птици: 24 патки, 6 гуски, 5 кокошки и една чавка, која била присутна на локацијата. Наредени се мерки согласно Законот за ветеринарно здравство и Правилникот за мерки за сузбивање и искоренување на болеста Авијарна инфлуенца, велат од АХВ.