Битола е најотворена, а Сопиште најзатворена општина

36

Општините сè уште се со ниско ниво на отвореност во работењето. Иако просекот на нивната отвореност годинава е зголемен за 10 проценти, за разлика од 2022 година кога процентот изнесувал 27 отсто, а сега е 37 отсто, сепак тоа не доволно и е индикација за ниско ниво на отвореност во работењето на локалната власт. Ова го покажуваат наодите од Процената на доброто владеење во единиците на локалната самоуправа во изготвена преку Индексот на отвореност за 2024 година на тематскиoт форум „Вклучена заедница за отпорност на корупција“ на Фондацијата „Метаморфозис“ и „Рурална коалиција“. Истражувањето е спроведено од 1 февруари до 15 мај 2024 година.

Во 2024 година, наодите од Индексот на отвореност покажале дека најотворените единици на локална самоуправа се Битола (67%), Делчево (66%), Демир Хисар (64%), Велес (60%), Валандово (59%), Прилеп (58%), Крива Паланка (58%), Берово (58%), Василево (56%), Кочани (55%), Градско (54%), Гевгелија (54%), Охрид (53%), Кавадарци (52%) и Гази Баба (52%).

Најзатворени општини, според наодите се Сопиште со (7%), Кривогаштани (13%), Студеничани (13%), Росоман (14%), Чучер Сандево (15%), Шуто Оризари (16%), Лозово (17%), Боговиње (18%), Ранковце (18%), Врапчиште (19%) и Чаир (19%).

– Исто како во 2022 година, во 2024 година единиците на локална самоуправа имаат највисока просечна оценка во областа транспарентност (46%), а најниска просечна оцена во областа свесност (21%), додека најголем напредок се забележува во областите транспарентност и интегритет односно зголемување за 12%. Овој низок резултат во областа свесност (21%) укажува на слабиот квалитет на планирањето, програмирањето, мониторирирањето и евалуацијата на политиките што ги спроведуваат единиците на локалната самоуправа. Јавниот интерес треба да биде отсликан во јавните политики, што го прави овој поразителен резултат уште поалармантен – се вели во соопштението.

Генерален заклучок од Индексот на отвореност на локалната e дека локалната самоуправа има уште долг пат до постигнување на вистинска транспарентност.

-Локалните власти треба проактивно да објавуваат документи во најотворен формат и да ги унапредат своите веб-страници за подобра достапност, пристапност и квалитет на информации, податоци и услуги. Исто така, потребно е да се воспостават поефикасни механизми за граѓанско учество за суштинско вклучување на граѓаните во одлучувањето и подобрувањето на животот на заедницата. Покрај тоа, тие треба да работат на подобрување на квалитетот на план, велат од „Фондација Метаморфозис“ и „Рурална коалиција“.