Не може невработен да зема пари од државата и плата во плик од газдата

Во државата има 100 илјади невработени, а нема кој да работи. Работодавачите и синдикатите велат дека државата треба да преземе поригорозни мерки, односно невработен ако трипати одбие работа, да се брише од евиденцијата на Агенцијата. На тој начин ќе се намали невработеноста, сивата економија која изнесува над 35 отсто, а ќе добие и државата и работодавачите. Не може невработен да зема пари од државата и плата во плик од газдата

273

Во државата има над 100 илјади невработени, но кога ќе отидеш во Агенцијата за вработување да побараш работници нема. Во оваа бројка на невработени влегуваат луѓе кои се иселени од Македонија, луѓе кои работат на црно, а особено приматели на социјална помош, кои се плашат да не ја изгубат. Работодавачите и синдикатите велат дека државата треба да преземе поригорозни мерки, односно невработен ако трипати одбие работа да се брише од евиденцијата на Агенцијата. На тој начин ќе се намали невработеноста, сивата економија, која изнесува над 35 отсто, а ќе добие и државата и работодавачите. Не може невработен да зема пари од државата и плата во плик од газдата.

– Клучната работа е што тие 100 илјади лица се регистрирани како невработени само за да земаат социјални бенефити. Тоа што нема работници, тоа не значи дека овие што се запишани како невработени сакаат да го работат тоа. Очигледно нив повеќе им одговара да работат на црно, сезонска работа, на дневница…Често се случува некој од лицата кои се регистрирани како невработени во Агенцијата ги бараме во 9 часот за интервју за работа, но никој не се јавува затоа што работат на црно. Треба да се преземат поригорозни мерки за да се намали работата на црно и ако некој три пати одбие работа, да се брише од евиденцијата на Агенцијата за вработување, изјави за весникот ВЕЧЕР, Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерација на Македонија.

Од Сојузот на синдикати на Македонија сметаат дека треба да се прочисти списокот со невработени. Голем дел од невработените работат на црно и земаат социјална помош и затоа не сакаат да бидат пријавени за да не им се  прекине социјалната помош.

-Не може да има пасивни баратели на работа. Ако имаш пасивен барател на работа, тоа значи дека тој работи некаде и Агенцијата не треба да му бара работа туку треба да го избрише од евиденција. Така ќе се мотивира да бара работа, а не да зема и од државата и од газдата пари во плик. На тој начин ќе се намали и сивата економија во државата, која изнесува над 35 отсто, ќе се намали стапката на невработеност, а ќе добие и државата, изјави за весникот ВЕЧЕР, Иван Пешевски, потпретседател на Сојузот на синдикати на Македонија.

Според него, друг проблем е што голем дел од работниците што се пријавени доработуваат поради ниските плати, особено во дефицитарните сектори како туризам, угостителство и градежништво.

 – Потребно е да се прочисти списокот на невработени на Агенцијата за вработување и да се види точно колкав е бројот на невработени. Околу 100 илјади лица се водат како невработени, а на огласите за вработување не се јавува никој. Агенцијата треба да види каде се тие невработени и зошто не се јавуваат на огласите за вработување, доквалификација, преквалификација и на огласите за јавна работа. Сигурно дека голем процент од овие невработени работат на црно или не се во државата, а се водат како пасивни баратели на работа – изјави за весникот ВЕЧЕР, Ангел Димитров, од Организацијата на работодавачи на Македонија.

Според него, мора да се види каде се тие невработени, бидејќи, и покрај тоа што имаме 100 илјади, ние мораме да увезуваме работници од Непал, Пакистан, Турција…

(А.С.)