Мицкоски: Седум години, додека одеа соседите напред, ние одевме назад – потребни се крупни чекори за да ги стигнеме

28

Премиерот Христијан Мицкоски најави нови германски инвестиции, а најголемата, како што истакна, ќе биде ветерен парк кај Куманово, Ранковце, Крива Паланка и Старо Нагоричане, вредна преку 400 милиони евра. До крајот на годинава, според премиерот, две германски компании ќе почнат да вложуваат, едната, веќе присутна во земјава, ќе гради нов производствен погон, а другата ќе стартува сосема нова гринфилд инвестиција.

Мицкоски рече дека очекува раздвижување на економијата по забрзаната динамика на капиталните инвестиции и над три отсто раст на БДП во третиот и во четвртиот квартал од годината.

Ефектите од економската ситуација во Германија која, според премиерот, не е охрабрувачка, кај нас ќе се почувствуваат, како што рече, веројатно кон крајот на првиот и почетокот на вториот квартал идната година.

– Разговорот со германската Стопанска комора беше пријатен и, би рекол, плоден. Веќе имаме неколку инвестиции во најава. Има една инвестиција во делот на енергетиката, нов ветерен парк – огромна инвестиција во потегот на општините Куманово, Ранковце, Крива Паланка и Старо Нагоричане, германска инвестиција, огромна 400 и нешто милиони евра. Струјата што ќе ја произведуваат, ќе ја продаваат на пазарот. За жал, четири години не биле во можност да ја реализираат таа инвестиција, од причини кои не би ги коментирал сега во јавноста, ќе треба истражните органи да се позанимаваат. Но, веќе задолживме луѓе од Кабинетот што ќе ја следат, на дневна основа, реализацијата на оваа инвестиција, која ќе значи уште еден чекор напред кон зелената транзиција, односно производство на електрична енергија од обновливи извори. Инаку, состојбата во германската економија не е охрабрувачка, туку е прилично предизвикувачка и очекувам ефектите што се случуваат сега, во овој трет квартал, во Германија, ние да ги почувствуваме кон крајот на првиот и почетокот на вториот квартал следната година – изјави Мицкоски.

Тој се осврна и на состојбите во индустријата кај нас, нагласувајќи дека последниве два месеца од доаѓањето на новата Влада, бројките се многу подобри.

– Индустриското производство просечно во вториот квартал паѓаше со 7 проценти. Просечно во првите два месеци од третиот квартал за кој имаме досега обработени податоци, тоа се јули и август, расте со 1,1 процент или во нето просечно е повисоко 8,1 процент споредено со вториот квартал. Односно, во јули порасна за 3,8 проценти, а во август падна за 1,6 или во просек кога ќе се земе, расте за 1,1 процент. Додека, пак, преработувачката индустрија и во првиот месец од третиот квартал јули и во вториот месец од третиот квартал август растеше, во јули за 3,8 проценти, а во август мислам дека беше 1,1 процент, но треба да го провериме тоа. Извозот во август споредено со август минатата година е поголем за 12,2 процента, а увозот е помал за 1,6 проценти, така што не би се согласил дека паѓа извозот. Јас зборувам сега откако е оваа Влада, не зборувам за претходната. Откако е избрана оваа Влада, ова се параметрите – истакна премиерот.

Дополни и дека седум години, додека оделе соседите напред, земјава одела назад, па сега, како што напомена, мора да се прават крупни чекори.

– Порастот на БДП, согласно со сегашните параметри, очекувам да биде меѓу прогнозите на ММФ и Светска банка или еден од подобрите во регионот или во Европа, но да го почекаме декември, кога излегуваат бројките за третиот квартал. Сепак, очекувам растот во третиот и во четвртиот квартал да биде над три отсто, со оглед на забрзаната динамика на капиталните инвестиции – потенцира премиерот.

Во врска со проектите на општините, рече дека ќе бидат јавно објавени.

– Не очекувам нови проекти, туку тие што не доставија навреме, да достават, а такви не се многу – нагласи Мицкоски.