Град Скопје и општините Струмица, Сарај и Теарце треба да достават ажурираната проектна документација што им недостигала за да добијат средства на јавниот повик за доделување 100 милиони евра за реализирање на капитални инфраструктурни проекти

– Не очекувам нови проекти, туку оние општини што не доставија навреме ажурирана подлога, да ја достават. Тоа е разумен период и не се такви многу. За оние кои воопшто немаат добиено проект, бидејќи не доставиле проектна документација и подлога во согласност со јавниот повик, очекувам да ги достават – изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Прашан за коментар за ставот на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсова, дека води ментално секташка влада, Мицкоски рече дека понекогаш е подобро човек да премолчи некои работи, попаметен ќе биде.

За обвинувањето од СДСМ, пак, дека лаже оти ќе им дадат 250 милиони евра на општините за реализирање на капитални инфраструктурни проекти, посочи дека не очекува од СДСМ да кажат нешто паметно.

– Тоа што го кажуваат од СДСМ е погрешно, бидејќи граѓаните ги гледаат сите проекти како се реализираат. Тие одлучиле такви пораки да испраќаат во јавноста, а ние ќе продолжиме со реализација на проекти и тоа е начинот на којшто ние мислиме дека треба да функционира политиката – рече Мицкоски.

Владата одобри милиони евра за финансирање инфраструктурни проекти во општините, при што најголемиот дел од средствата ќе бидат насочени кон изградба на патишта, канализациски системи и водоводи. Најмногу средства ќе добијат општина Куманово и општините со албанско мнозинство, кои аплицираа со повеќе проекти. Куманово ќе добие 4 милиони евра за реализација на три проекти. Центар добива 1,5 милиони евра за реновирање на Спортската сала „Работнички“.

Меѓу општините со албанско мнозинство, Чаир е водечки со доделени 2,7 милиони евра за седум проекти. Следуваат Гостивар со 2,6 милиони евра, Струга со 2,2 милиони евра, а Тетово ќе добие 1,3 милиони евра. Исто така, Кичево, Врапчиште и Липково добија по 900 илјади евра, Желино – 800 илјади евра, Дебар – 700 илјади евра, Арачиново, Брвеница и Долнени – по 600 илјади евра

Префрлањето на средствата ќе започне во наредните денови, а потпишувањето на договорите со општините ќе се реализира следната недела.

(С.Бл.)