Молдавците в недела ќе гласаат на референдум за ЕУ ​​и отфрлање на руското влијание

39

Граѓаните на Молдавија ќе гласаат в недела на претседателските избори и на референдум за ЕУ, што доаѓа во клучен момент на конфликтот меѓу Русија и Западот за иднината на оваа сиромашна земја на југоистокот од Европа, која има помалку од три милиони жители.

Додека војната во Украина беснее, Молдавија го забрза своето настојување да се оддалечи од орбитата на Москва и започна долг процес на пристапување кон ЕУ, наведуваат локалните медиуми.

Про-западната претседателка Маја Санду (52) се надева дека ќе обезбеди втор мандат и поддршка на референдумот за да се потврди пристапувањето кон ЕУ како стратешка цел во уставот. Анкетите укажуваат дека Санду може да победи на изборите каде што се натпреваруваат 11 кандидати, како и дека мнозинството ќе го поддржи пристапувањето кон Унијата.

Маја Санду се очекува да добие 36 проценти од гласовите во првиот круг, според
неодамнешното истражување на молдавскиот тинк-тенк WatchDog. Експертите сметаат на нејзина „веројатна” победа во вториот круг на 3 ноември. За претседателката, која за четири години го утврди меѓународниот статус на земјата и постигна отворање на преговори со ЕУ, „не е возможно да се застане на половина пат“. Против корумпираните олигарси, „нашата генерација има мисија да ја интегрира слободна и демократска Молдавија во големото европско семејство“, вели таа.