Пред неколку дена цела спортска, па и пошироката, јавност беше шокирана од веста за смртта на познатиот фински хокеар Јане Пухаку (29), а сега испливаа нови детали за неговата смрт.

Иако уште на стартот прв осомничен за неговата смрт беше неговото момче Ролф Нордмо (66), сега официјално е потврдено. Според извештаите на локалните медиуми, тој го признал убиството.

Прво бил испрашуван Нордмо и веднаш признал дека со сачмарка пукал во Пухаку, кој подоцна бил пронајден мртов. Главниот истражител во овој случај, Мати Хегман изјави дека се сомневале во Нордмо уште од самиот почеток на истрагата.

Двајцата неодамна се разделиле, а Нордмо пукал во него додека ги земал своите работи од домот во кој заедно си живееле. Телото било пронајдено во нивната куќа, а кога било исклучено дека не се работи за кражба, инспекторите набрзина дошле до заклучок, кој на крајот и се потврдил како точен.

Пухаку професионално играше за тимови во неговата родна земја, како и во Канада и Франција, а се пензионираше во 2018 година. Веќе следната година тој јавно призна дека е геј и во таа прилика доби голема поддршка од јавноста. Тој стана првиот хокеар во Финска кој тоа јавно го објави.

Во интервјуто во кое ја искажал својата одлучност, хокеарот изјавил дека на 16 години веќе знаел дека е геј и дека тоа им го признал на капитенот на тимот и на неколку соиграчи.