Кучињата касаат, надлежните каскаат

227

Најсвежиот пример за тоа дека граѓаните се цел на глутници кучиња што слободно се движат низ центарот на Скопје е од денеска, кога скопјанец, возејќи се на велосипед, на кој бил и неговиот четиригодишен син, бил нападнат и искасан од две улични кучиња на улицата „Боемска“. Видно вознемирен и блед во лицето поради тоа што го снашло, тој успеа да раскаже како се случила несреќата.

Директорката на јавното претпријатие „Лајка“, Радмила Пешева, вели дека секој ден имаат по една пријава за каснување или за напад од куче. Од Министерството за внатрешни работи кусо одговорија дека на подрачјето на Град Скопје, од почетокот на годинава  и заклучно до вчера, имало 746 пријави од граѓани за каснување од кучиња скитници.

Според адвокатите, отштетата за каснување од улично куче се доделува во зависност од сериозноста на повредите. Доколку има само отпечатоци од забите на кучето, отштетата се движи од 50 до 90 илјади денари, ако, пак, е поголема раната – и над 100.000 денари. Ако при нападот од куче граѓанинот паднал и скршил нога или рака, таа може да достигне и до 200, па и до 300 илјади денари

Проблемот со бездомните кучиња станува загрижувачки. Иако постојано се апелира за негово решавање, бројот на граѓани што се нападнати или каснати од нив е сè поголем. Тоа го потврдуваат и дневните билтени на МВР, во кои секојдневно има заведено случаи на граѓани каснати или нападнати од куче. Тоа се случува не само во Скопје туку и во другите градови во државата.

Најсвежиот пример за тоа дека граѓаните се цел на глутници кучиња што слободно се движат низ центарот на Скопје е од денеска, кога скопјанец, возејќи се на велосипед, на кој бил и неговиот четиригодишен син, бил нападнат и искасан од две улични кучиња на улицата „Боемска“. Видно вознемирен и блед во лицето поради тоа што го снашло, тој успеа да раскаже како се случила несреќата.

– Тоа беше во 8:30 часот, кога со велосипед го носев мојот син во градинка, и тоа пред позната скопска кафеана на „Боемска“ во Дебар Маало. Се соочив со глутница кучиња што беа таму. Две од нив тргнаа по мене и ме нападнаа, бев каснат на десната нога, имам дупка. За среќа, ништо не му се случи на синот, но тоа беше траума за него, беше исплашен и плачеше – вели скопјанецот, кој ја раскажа случката во нашата редакција.

Во Ургентниот центар при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ примил серум и вакцина против тетанус и му била санирана раната на ногата. Револтиран од доживеаното, најави дека ќе поднесе тужба до Град Скопје за претрпен страв и стрес и дека ќе бара отштета.

За тоа дека бездомните кучиња ги има во сè поголем број, коментира и жителка на Ѓорче Петров, која вели дека пријавила во јавното претпријатие „Лајка“ да дојдат и да заловат бездомни кучиња, од кои две женки.

– Женките раѓаа и кучињата се намножија. Затоа го повикав претпријатието. Оттаму дојдоа, но рекоа дека не можеле да ги заловат женките, бидејќи оделе во приватни дворови и дека не смеат да влегуваат таму. Но, успеаја да ги земат мажјаците. По одредено време, со жолта обетка на ушите, повторно ги вратија назад – вели жителката на Ѓорче Петров.

Директорката на јавното претпријатие „Лајка“, Радмила Пешева, вели дека секој ден имаат по една пријава за каснување или за напад од куче. Посочува дека имаат проблем со тоа што, на пример, на локациите каде што се повторуваат каснувањата, има граѓани што ги штитат ваквите кучиња, односно ги затвораат во дворовите.

– Често пати се случува ако имаме опис на кучето од кое е каснат граѓанинот, да не го најдеме на дадената локација. Немаме прецизни насоки од граѓаните да го лоцираме кучето. Дури и во текот на судската постапка никој не утврдува дали нападот или каснувањето е направено од бездомно или од домашно куче, слободно пуштено, па често пати се случува при барањето отште да кажат дека се нападнати или каснати од бездомно куче и да го злоупотребат тоа – тврди Пешева.

Таа додава дека се случува и граѓаните да не го пријават кучето во ЈП „Лајка“, туку веднаш да пријават во полиција и да бараат отштета. Според податоците на Правната служба во ЈП „Лајка“, од почетокот на годинава досега има пристигнато 352 тужби од граѓани за каснување од куче. Тие не се реализирани, бидејќи, како што објаснија од Правната служба, Град Скопје поднесува жалба против сите правосилни пресуди до Апелација, која треба да одговори на нив. Од нив, претпријатието добило неколку тужби за каснување од куче, но тие биле на површина што не е јавна или, пак, била постигната спогодба помеѓу Град Скопје, ЈП „Лајка“ и тужителот.

И оттаму го посочија проблемот со тоа што не се врши идентификација на кучињата.

– Од вкупно 352 тужби, имаме само два или три случаи кога има сведок за нападот или за каснувањето – информираат од Правната служба на ЈП „Лајка“.     

Од Министерството за внатрешни работи кусо одговорија дека на подрачјето на Град Скопје, од почетокот на годинава, заклучно со вчера, имало 746 пријави од граѓани за каснување од кучиња скитници.

Овој проблем се провлекува и во низ другите градови во државава. Така, според извештајот на НВО Инфоцентар од мониторингот „Општините и бездомните кучиња“, за периодот октомври-ноември 2013 година, општините преземаат скромни чекори за решавање на напластените проблеми со бездомните кучиња и нивниот (хуман) третман, како и со неодговорното сопствеништво на домашни миленици и оти проблемот од година на година е сè поголем.

Притоа, во извештајот се наведува дека општините сè уште немаат системско решение, ниту, пак, доволно финансии и капацитети за негово надминување. Некои општини како, на пример, Струга, немаат ниту проактивен пристап за решавање на проблемот и отворено бараат помош од централната власт. Повеќето од мониторираните општини имаат годишни или повеќегодишни (2023-2025) програми за заштита и третман на бездомните кучиња (што е нивна законска обврска), издвојуваат мали буџетски средства, немаат регистар на бездомни кучиња.

Повеќето општини немаат ниту прифатилиште за бездомни животни. Исто така, се констатира и тоа дека речиси сите општини одлеваат сериозни суми од општинските буџети за судски трошоци и за плаќање отштети за каснување од куче. Притоа, во некои општини, ваквите случаи се решаваат вонсудски, преку директна спогодба меѓу каснатите граѓани и градоначалникот.

Што се однесува до исплатените отштети (судски и вонсудски), тие се движат од неколку стотици, па сè до десетици илјади евра. Oпштина Велес, на пример, во периодот од 2019 до 2023 година, потрошила тројно повеќе средства за отштета на каснати граѓани, во споредба со средствата издвоени за решавање на овој проблем. За период од четири и пол години, Општина Велес исплатила отштети во висина од вкупно 257.215 евра. Високи суми за отштети се забележани и во Куманово, Струга, Велес.

Така, во периодот од 2019 до мај 2023 година, според судски решенија, Општина Куманово им исплатила за каснување од куче на оштетени граѓани околу 2,2 милиона денари или близу 36.000 евра. Најмногу средства, околу 1,1 милион денари (близу 18.000 евра), се исплатени во 2022 година. Највисоката исплатена сума изнесува 215.000 со камата или 192.000 без камата, која е исплатена во 2021 година. Исплатата на камата, покрај главницата, е чест случај. Во мал број случаи, граѓаните добиеле отштета од околу 100 евра, додека останатите во просек зеле од 1.000 до 1.500 евра.

Општина Битола, пак, се надева дека ќе се реши овој проблем со изградбата на прифатилиштето за бездомни кучиња. „Хачико“, кое беше отворено неодамна, ќе обезбедува хуман третман на животните. И во овој град е алармантна состојбата со кучињата скитници, кои ги има не само во централното градско подрачје туку и во околните населби и села. Токму поради тоа, од година на година расте износот што го исплаќа Општина Битола на граѓани каснати од кучиња скитници по добиени тужби. Во 2023 година се исплатени 7. 769.952 денари, во 2022 година – 2. 885.115 денари, а во 2021 година – 1.129.000 денари.

Од Општина Тетово се пожалија дека се носат бездомни кучиња од други места и ги повикаа граѓаните да го снимат тоа, за што најавија награди. Од јули, во градот функционира и ново прифатилиште, а, според Општина Тетово, заловени се и третирани 100 кучиња скитници.

– Лицата што ќе бидат фатени како го вршат ова дело, ќе бидат казнети согласно со законот. Исто така, ги покануваме сите оние што имаат можност и желба, да посвојат некое од кучињата што ги третиравме. Тие можат да контактираат со нашите претставници за да ја спроведат оваа хумана акција, придонесувајќи за обезбедување нов и грижлив дом за овие кучиња – се огласија неодамна од локалната самоуправа.

 

Отштети од 50 до 300 илјади денари за каснување од бездомно куче

 

Според адвокатите, отштетата за каснување од улично куче се доделува во зависност од сериозноста на повредите. Доколку не се сериозни повредите, на пример има само отпечатоци од забите на кучето, отштетата се движи од 50 до 90 илјади денари, ако, пак, е поголема раната – и над 100.000 денари. Ако при нападот од куче граѓанинот паднал и скршил нога или рака, таа може да достигне и до 200, па и до 300 илјади денари.

Странките пријавуваат и каснување од куче во ЈП „Лајка“, но оттаму обично одговорот е дека во програмските активности на претпријатието тие ги исполниле своите обврски, заловиле кучиња, кои поминале низ хуман третман, имаат жолта обетка и се вратени назад на локацијата од каде што се земени и со тоа завршуваат нивните надлежности и не се должни да плаќаат отштета – велат адвокатите што работат на вакви случаи.

(А.П.)