До крајот на годинава треба да биде распишан тендер за изградба на регионална депонија во Светиниколско

30

Следната година треба да почне изградбата на регионалната депонија кај светиниколското село Мечкуевци, каде што ќе се депонира отпадот од целиот Источен и Североисточен Регион.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање информираат дека до крајот на годинава треба да биде распишан тендер за изградба на регионална депонија, но, како што велат, постои оптимизам дека би можело да се случи тоа и наредната недела.

Оттаму потенцираат дека во моментов тече постапката за превод на тендерската документација, а по потпишувањето на договорот, регионалната депонија треба да биде готова за две години.

– Потребно е да се инвестира во рехабилитација на патот што води до регионалната депонија, и се работи на тоа. Сè додека не покажеме дека имаме посветеност и дека си ги извршуваме нашите задачи од кои ќе зависи работењето на таа идна инсталација. Во меѓувреме, ги усогласивме сите работи и се очекува да биде објавен тендерот во најскоро време – изјави Ана Лашкоска, заменик-министер за животна средина.

Во меѓувреме, проектот регионална депонија е во преоден период. Се работи на затворање и на рехабилитација на старите депонии.

– Во овој преоден период, во рок од две години ќе има времени депонии, каде што ќе има навистина претовар или носење отпад од други општини, но тоа е само преоден период. Во Кочани, сега е сменета ситуацијата, изведувачот веќе работи таму и на рехабилитацијата, така што во конечната фаза ќе има едно централно место каде што ќе има постројка и за третман и за одложување на отпадот, а депонијата во Кочани, конечно, ќе се затвори – вели Теофанис Лолос, директор на проектот.

Регионалната депонија ќе треба да опслужува околу 370.000 жители од двата региона и би имала вкупен капацитет за 900.000 кубни метри отпад. Предвидено е да бидат изградени претоварни станици за отпад во шест општини, а во Мечкуевци да биде главната постројка, каде што ќе се преработува отпадот по европски стандарди. Проектот чини околу 40 милиони евра, средства обезбедени од Европската Унија.