Филков стои зад кажаното: Ја разбирам нервозата на Лога

Ексминистерот за правда се правда на Фејсбук

433

Откако министерот за правда Игор Филков ѝ соопшти на јавноста дека од својот претходник наследил празен кабинет без класифицирани документи но полн со чадори, чаши и торби и неплатена фактура од речиси милион денари за нив, на Фејсбук стигна реакција на Кренар Лога. Тој вели дека во време кога беше избрана новата власт бил на семеен одмор. Го повика на јавна дебата својот наследник но со новата шефица на кабинетот, за која тврди дека е главна во Министерството.  Филков обелодени дека пред да замине од функцијата, Лога од кабинетот во Министерството со себе го зел класифицираниот документот со препораките за Судскиот совет изработен од Оценската мисија на Европската комисија. Потенцираше дека во тек е постапка за случајот и ќе се бара одговорност. Лога пак, тврди дека писмото го добил на мејл.

-Писмото од Оценската мисија е добиено по електронски пат, исто како што го добија и Вицепремиерот Маричиќ, претседателот на судски совет Сашко Георгиев и други. Еден дел од писмото беше наменет за јавноста, додека другиот беше класифициран само за министерот. Тоа писмо е архивирано од службено лице во Министерството кое ракува со доверливи материјали, но, нормално, Радица (Лазареска Геровска) не може да го добие додека нема безбедносен сертификат. Истото писмо, со дозвола на мисијата, е споделено и со работната група, односно со претседателот академик Владо Камбовски. Возниот парк е ист со оној што го користеле и претходните министри, напиша меѓу другото Лога  на Фејсбук. Тој тврди дека Министерството нема долгови, бидејќи на време биле подмирени сите фактури.

-За сите овие тврдења, но и за 100-дневниот период на министерот Филков, ќе имам јавно обраќање и брифинг со новинари, најави Лога.

Филков, пак, оваа реакција на претходниот министер е резултат на одредена нервоза.

-Сè што имав да кажам за работата на мојот претходник кажав и стојам зад тоа. Ја разбирам неговата нервоза, но понатамошниот дијалог ќе се одвива преку надлежните органи, кажа вчера кратко Филков.

Во првите 100 дена од преземање на функцијата министерот Филков, меѓу другото, информираше дека поништена е одлуката на претходната Влада за десеткратното зголемување на нотарската тарифа, подготвени се законски измени на Законот за бесплатна правна помош, а претстојат и измени во Законот за кривична постапка како и измени во однос на старосната граница за пензионирање на судиите.

Покрај тоа, целосно е и имплементиран системот ФЕМИДА за аудио и видеоснимање на судските процеси. Министерот за правда информираше и за долговите кој ги оставил неговиот претходник.