По повеќе од 1.000 дена и три операции на коленото, поранешниот втор пик на НБА-драфтот, Лонзо Бол, конечно ѝ се врати на кошарката, на претсезонскиот натпревар на Чикаго булс. Тој доби овации од публиката во „Јунајтед центарот“.
“Checking in for the Chicago Bulls…” pic.twitter.com/ffeGC37JVR
— Chicago Bulls (@chicagobulls) October 17, 2024
Денес, на 26 години, Лонзо е најстариот активен член на кошаркарското семејство Бол, кое беше вирален хит на крајот од минатата деценија, на чело со бучниот татко Лавар, кој го принуди ЛА лејкерс да го избере неговиот син како втор пик во 2017 година. Во дебитантската сезона, тој бележеше во просек по 10,2 поени, 6,9 скока и 7,2 асистенции на натпревар, а потоа заврши во Њу Орлеанс, во големата размена за Ентони Дејвис.
По четири сезони, тој се пресели во Чикаго, каде што ја одигра најефикасната сезона во кариерата, на 35 натпревари. Тогаш Булс беше најдобриот тим на Истокот, додека Лонзо не го повреди коленото во јануари 2022 година и мораше да оди на операција. Првите прогнози беа дека ќе отсуствува од шест до осум недели, но болката не помина ниту пред сезоната 2022/2023, кога отиде на втората операција, артроскопија за чистење на остатоците од првата операција. Но, ниту тоа не помогна, па во март 2023 година му беше пресадена рскавица на тоа лево колено.
„Биковите“ веднаш објавија дека Бол ќе ја пропушти целата сезона 2023/2024, со неизвесност што ќе се случи потоа, бидејќи никој во историјата не ѝ се вратил на кошарката по ваква операција. Многумина дури и го испратија во пензија.
Сепак, Лонзо издржа и доби дозвола да се врати ова лето, а деновиве го одигра и својот прв натпревар од 14 јануари 2022 година, повеќе од две години и девет месеци.
- Не чувствував ништо во коленото. Мислам дека одлично се движев. Сега само треба да се надоврземе на ова и да го повторуваме секој ден – изјави Бол по натпреварот на кој Булс ја победи Минесота со 125:123, а тој учествуваше со 10 поени за 15 минути игра.