Северна Кореја ја прогласи Јужна Кореја за непријателска држава и ја прекина комуникацијата

39
EPA-EFE/STR

Северна Кореја „јасно ја дефинира Јужна Кореја како непријателска држава“ во својот ревидиран Устав. Ова го објави државната новинска агенција КЦНА. Севернокорејскиот Парламент веќе се состанал минатата недела за да го промени Уставот на земјата. Но, државните медиуми на Северна Кореја досега објавија малку детали за средбата.

Патните и железничките врски со Јужна Кореја сега се целосно прекинати, по минирањето во вторникот.

– Ова е неизбежна и легитимна мерка во согласност со Уставот на Република Северна Кореја, кој јасно ја дефинира Република Кореја како непријателска држава – наведе КЦНА.

Уставната промена беше очекувана, во согласност со неодамнешните изјави на лидерот Ким Јонг Ун во кои тој ја опиша Јужна Кореја како независна земја и главен непријател на Северна Кореја. Ова значи дека Северна Кореја се оддалечува од својата долгогодишна цел за повторно обединување и наместо тоа, цели кон систем со две држави.

Јужна Кореја, од друга страна, повтори дека ќе продолжи да се придржува кон политиката на национално единство, но ќе се спротивстави на секоја  агресија од Северот.

На крајот од 2023 година, севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун за прв пат побара, на состанокот на владејачката Работничка партија, Јужна Кореја да биде назначена како главен непријател во социјалистичкиот Устав на земјата. Тој ги опиша меѓукорејските односи како односи меѓу две завојувани држави.

Дете земји формално сè уште се во војна, бидејќи Корејската војна од 1950 до 1953 година заврши со примирје, а не со мировен договор.