Процедурата за префрлање на средствата од заемот од унгарската Експорт-импорт банка е завршена и легнуваат на сметката на Народната банка, а веќе денеска ќе се трансферираат во Буџетот, а потоа ќе бидат насочени кон општините и компаниите, најави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Проектите на општините кои ќе бидат финансирани од средствата се веќе избрани. По извршената евалуација од страна на ресорните министерства, Владата одлучи оваа година да бидат финансирани вкупно 274 проекти во 77 општини, со вкупна вредност од нешто над четири милијарди денари (околу 65 милиони евра). За четири општини што не добија пари, Владата им го продолжи рокот за поднесување на нови комунални проекти

Процедурата за префрлање на средствата од заемот од унгарската Експорт-импорт банка е завршена и легнуваат на сметката на Народната банка, а веќе денеска ќе се трансферираат во Буџетот, а потоа ќе бидат насочени кон општините и компаниите, најави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во телевизиско гостување.

Проектите на општините кои ќе бидат финансирани од средствата се веќе избрани. По извршената евалуација од страна на ресорните министерства, Владата одлучи оваа година да бидат финансирани вкупно 274 проекти во 77 општини, со вкупна вредност од нешто над четири милијарди денари (околу 65 милиони евра).

– Почнувајќи од оваа година и во наредните години, на општините им се отвара нова можност да ги реализираат приоритетните проекти, да ги подобрат основните услови за живеење за граѓаните, да можат општините да се развиваат побрзо и да се создаваат нови можности за граѓаните – известија од Владата.

Фазата на евалуација не ја поминаа само четири општини: Струмица, Град Скопје, Теарце и Сарај. Премиерот Христијан Мицкоски посочи дека ова не се проекти во кои што градоначалници се од ВМРО-ДПМНЕ или владината коалиција, туку и градоначалници што доаѓаат од СДСМ, ДУИ или независни градоначалници.

– Ние се бориме за секој квадратен милиметар на целата територија на државата, секое парче земја ни е важно и секаде сакаме да инвестираме. Очекувам следната недела договорите да бидат потпишани и да почне спроведувањето на оваа историска реализација на проекти за кои ќе се вложат повеќе од 4 милијарди денари – рече Мицкоски.

На следната владина седница ќе има мало продолжување на рокот бидејќи, како што потенцираше, во проектите на некои од општините е потребно дел од документите што недостасуваат да ги обезбедат.

– Мислам дека рокот ќе биде разумен, до 10 или 15 ноември да ги доподнесат проектите и откако тоа формално ќе биде завршено, очекувам и тие да бидат вклучени во првиот бран. Ветената сума од 6 милијарди очекуваме до крајот на годината да биде испорачана, а веќе следната година ќе има 15 милијарди, што значи од централниот буџет кон општините ќе бидат испорачани проекти од околу 21 милијарда денари – истакна Мицкоски.

Тој упати апел до општините Струмица, Теарце и Сарај, како и Град Скопје да го искористат продолжениот рок за поднесување на нови комунални проекти.

– Општина Струмица не доби средства затоа што конкурираше со проект кој веќе е почнат и во тек со избран изведувач. Апелирам до раководството на Општина Струмица да ја искористи можноста до 15 ноември да поднесе нови проекти кои ќе можеме да ги финансираме. Средства не се доделени за Општина Теарце која поднесе проекти преку приватна е-маил адреса и затоа го повикувам градоначалникот да постапи како и сите други 79 градоначалници. Имаме некомплетна документација поднесена и од Општина Сарај, очекувам до 15 ноември тоа да биде отстрането. Станува збор за патна инфраструктура во населеното место Ласкарци и еден водовод. Градот Скопје конкурираше со некомплетни проекти, бараат автобуси, бараат средства за одржување на хигиената на улиците. Од Владата веќе имаат пренесени 600 милиони денари кои се на сметката на градот за реализација на булеварот „Хасан Приштина“, но две години ништо не е направено. Очекувам во следниот период таму да се подобрат инвестициските перформански – нагласи премиерот Мицкоски.

Министерката Димитриеска -Кочоска најави дека веќе е започната процедурата за повлекување и на втората транша од заемот од Унгарија, средства што ќе се искористат за отплата на еврообврзницата, која достасува во јануари 2025 година.

– Не се брза со ништо, но еврообврзницата мора да ја сервисираме на почетокот на јануари. Ние не можеме да ја почнеме постапката на 1 јануари и до 25 јануари да ги имаме средствата. Затоа започнуваме сега, но секако средствата ќе се користат за еврообврзницата и ќе легнат во јануари, а не до крајот на годината. Мора да бидеме сигурни дека имаме обезбедено средства. Не можам како одговорен министер да чекам да дојде јануари, па потоа да почнеме постапка за втората транша за заемот, рече Димитриеска-Кочоска.

Во однос на проекциите на Светска банка која планира раст на економијата од 1,8 проценти, министерката за финансии рече дека очекувањата на Владата се дека до крајот на годината растот на економија би бил најмалку 2,1 процент.

За предлог-буџетот за 2025 година, истакна дека фокусот ќе биде ставен на фискалната консолидација, поточно на зголемувањето на приходите и на намалувањето на расходите.

– Следната година, буџетскиот дефицит е планиран на 4 %, а потоа да се намали на 3,5 % и во 2027 година да достигне 3 %. Она што беше главна определба или ветување на Владата е предвидено со буџетот за 2025 година, а тоа е пораст на пензиите за 2.500 денари, средства за образовниот сектор, потоа 250 милиони евра за проекти во општините, средства за инфраструктурни проекти, за коридорите 8 и 10-д и слично – истакна Димитриеска-Кочоска.

Таа потсети и на резултатите од работењето на Управата за јавни приходи и на Царинската управа и притоа напомена дека повратот на ДДВ кон компаниите се врши континуирано, па така во септември е извршен поврат во износ од 2,250 милијарди денари, во август 2,116 милијарди денари и во јули 1,740 милијарди денари.

(С.Бл.)