Фатени две лица како создаваат и палат дива депонија во Бутел

32

Инспекторите за животна средина на Град Скопје денеска на територијата на општина Бутел затекнале и евидентирале лица кои исфрлале големи количини отпад, креирале дива депонија на приватен имот, каде била одложена огромна количина на отпад од метал, пластика и градежен шут.

За извршеното кривично дело од страна на лицата С.М. жител на општина Бутел и М.Д. државјанин на Косово, согласно членот 218 на Кривичниот законик, Град Скопје ќе поднесе кривична пријава за предизвикување значително оштетување на квалитетот на воздухот, водата и почвата, односно опасност за животот и здравјето на луѓето, дело казниво со затвор од четири до десет години.

Од Град Скопје информираат дека за време на викендот инспекторите за животна средина на градот Скопје и комуналните инспектори санкционирале со изречени казни над 20 сторители.

-На територијата на Скопје има вкупно 14 институции кои што во вакви ситуации имаат надлежност и обврска да постапуваат. Но, се досега единствено градот Скопје реагира, додека останатите не постапуваат, иако за тоа имаат законска обврска – соопштија градските власти.

Град Скопје годинава поднел повеќе кривични пријави за исфрлање на опасен отпад и загрозување на животната средина, за кривична одговорност против сторители затекнати како исфрлаат опасен отпад, азбестни плочи и друг градежен отпад како случајот во општина Бутел, каде затекнати лица истураа неколку тони отпад меѓу кои и опасен канцероген отпад во зелен појас, со што се нагрдува градот и доведува во опасност на животот и здравјето на скопјани.

Градските власти апелираат до Владата на овој проблем да му пристапи сериозно, да реагира на пријавите на Град Скопје за поажурно контролирање на нелегалното исфрлање на отпад низ градот што е казниво и според Кривичниот законик, но и едновремено да ги ангажира и останатите надлежни институции, да започнат да постапуваат за детекција и санкционирање на сторителите.