Нè очекува постудена и поостра зима од предвидената?! За се е виновен поларниот вртлог

218

Невообичаената акумулација на снег од Сибир до Северна Америка кон крајот на октомври може да доведе до дестабилизација на поларниот вртлог (вител), што би можело да ги направи зимата и зимските услови постудени и поостри низ САД, Канада и Европа.

Според анализата на Андреј Флис од Severe Weather Europe (SWE),има значително зголемување на висината на снежната покривка од Сибир до Северна Америка во последните две недели од октомври. Ова рано формирање на снежна покривка може да има значителни импликации за претстојната зима на северната хемисфера.

Акумулирањето снег во октомври може да го дестабилизира поларниот вртлог, циклон од големи размери, со средиште околу Северниот пол, кој влијае на временските шеми на средната географска ширина. Дестабилизираниот поларен вител ја зголемува веројатноста за зимско временско нарушување во региони како што се САД, Канада и Европа.

Поостра зима

Поточно, поголемата снежна покривка на северната хемисфера во текот на есента може да доведе до понестабилни зимски услови, што потенцијално ќе резултира со поостра зима и зголемени снежни врнежи.

Метеоролозите внимателно го следат широкиот систем на низок притисок што се формира над Сибир, кој се очекува да донесе снег на северозападниот, горниот среден запад и крајниот север од САД во следните две недели, што ќе кулминира кон крајот на октомври. Овој систем игра клучна улога во поставувањето на темелите за зимски услови.

Поларниот вртлог, кој се протега од Арктикот до средните географски широчини, варира по сила и форма во текот на сезоната. Кога овој систем слабее, може да предизвика значителни промени во временските шеми.

Потенцијално потешки зимски услови

Повеќе снег во октомври може да доведе до развој на посилен систем со висок притисок, што може да доведе до слабеење на поларниот вител подоцна во зима, што на крајот може да предизвика потенцијално тешки зимски услови во региони како САД и Европа.

Во моментов снежната покривка над Евроазија надминува 10 милиони квадратни километри, што е трето највисоко ниво во последните 20 години. Ваквото зголемување на снегот, кое е над нормалното за овој период од годината, е критичен показател за можни промени во динамиката на зимското време.

Понатаму, прогнозите укажуваат на можно слабеење на поларниот вител, што може да предизвика ненадејно стратосферско затоплување, феномен за кој се знае дека води до драстични временски промени.

Ако дојде до ненадејно затоплување на стратосферата, тоа често е придружено со колапс на поларниот вител. Ваквиот колапс може да го отвори патот за натпросечни снежни врнежи во Европа и во источниот дел на САД.