Руте: Не можеме да ги потврдиме операциите на севернокорејските војници во Украина

63
EPA-EFE/LESZEK SZYMANSKI POLAND OUT

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, на прес-конференција во Брисел изјави дека Северноатлантската алијанса не може да ги потврди изјавите на украинските власти и извештаите на украинските медиуми за учество на војници од Северна Кореја во воените операции во Украина.

„Немаме никакви извештаи за потврда за тоа, но веруваме дека КНДР ги поддржува руските воени напори во техничка смисла“, рече Руте, одговарајќи на прашања на јужнокорејски новинари, пренесува Тас.

Тврдењето дека припадниците на севернокорејската армија можеле да бидат испратени во Украина го изнесе јужнокорејскиот министер за одбрана Ким Џонг-хјун, врз основа на толкувањето на договорот за соработка што неодамна го потпишаа Москва и Пјонгјанг.

Тврдењата дека севернокорејските војници веќе се на воена патека денеска упати и украинскиот претседател Володимир Зеленски, претставувајќи го својот победнички план во украинскиот парламент.

„Коалицијата на криминалци сега ја вклучува Северна Кореја, односно семејството Ким, кое поробува повеќе од 20 милиони луѓе. Нашите разузнавачи евидентираат не само трансфер на оружје од Северна Кореја во Русија, туку и трансфер на луѓе, рече Зеленски, пренесува Политико.

Киев Индипендент објави, повикувајќи се на анонимен западен функционер, дека Пјонгјанг досега испратил 10.000 војници во Русија.

Во јуни, рускиот претседател Владимир Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун потпишаа сеопфатен договор за стратешко партнерство, кој ги обврзува двете земји да си пружат воена помош една на друга доколку некоја од нив биде нападната.

Кремљ ги опиша извештаите за севернокорејските војници кои се подготвуваат да заминат во битка како „уште една во низата лажни вести“.