Ако цената на природниот гас на берзите остане стабилна, како што е сега (околу 40 евра/MWh), не треба да се очекува зголемување на центата на парното греење во Скопје до следното лето, освен ако не се случат некои драматични поскапување на овој енергенс, истакна претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски.

– Во пресметките сме влезени со цена на природниот гас, од околу 40-ина евра за мегават-час, ако отиде екстремно високо, тогаш може да разговараме за зголемување на цената на парното, но, не верувам дека ќе имаме такви драстични промени, така што за цената на парното не очекувам никакви промени – изјави Бислимоски, на паузата на состанокот на Експертската мисија ТАIEX за транспонирање на законодавството на ЕУ за електрична енергија чиј коорганизатор е РКЕ.

Во Македонија природниот гас доаѓа преку т.н. Турски тек, од Турција и земјава нема никаков проблем со снабдувањето со овој енергенс.

– Во овој момент некаде нешто помалку од половината од постојниот гасовод е искористен, а во план е да се направи нова интерконекција со Грција, којашто ќе има далеку поголем капацитет од постојната, така што обезбедувањето на природниот гас во наредниот период нема да биде проблем – рече Бислимоски.

За поплаките дека вчера и денеска немало парно греење во некои објекти рече дека се вообичаени за почетокот на грејната сезона и додаде дека оваа година нема голем обем на жалби, а и временските услови се поволни.

– Сега има мала испорака на топлинска енергија. Во комуникација сме со екипите на ЕСМ-Дистрибуција кои работата на терен. Може да има поплаки, да има проблеми, но веднаш ќе бидат решени. Компанијата е транспарентна, објави дека имало проблеми – не можат да пристапат до топлинските станици, немаат клуч, некој треба да им отвори, има одредени објекти каде што не се платени сметките за електрична енергија и пумпите не работат, значи тоа се вообичаени работи. Но, тоа нема никаква поврзаност со топловодот под мостот „Беласица“ – истакна Бислимоски. 

(С.Бл.)