Усно или написмено – нема да има уставни измени под бугарски диктат!

Средбите што македонскиот премиер Христијан Мицкоски и министрите кои беа во делегацијата ги имаа во Брисел и во Берлин изминатиот период го зголемиле оптимизмот кај премиерот во однос евроинтегративниот процес на земјава, изјави Мицкоски на прес-конференција. Мицкоски сега е во дилема дали да го праќа најавеното писмо до Европската Унија со кое рече дека ќе даде нови идеи за продолжување на преговорите, затоа што, како што рече, тој лично им ги соопштил идеите на европските претставници и ги запознал со содржината. Тој ја најави и посетата на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, која во Македонија треба да дојде идната недела, на 24 октомври. И вицепремиерот Александар Николоски порача дека во Владата имаат јасна позиција - нема уставни измени под бугарски диктат, без гаранции дека нема да има нови вета

54

Средбите што македонскиот премиер Христијан Мицкоски и министрите кои беа во делегацијата ги имаа во Брисел и во Берлин изминатиот период го зголемиле оптимизмот кај премиерот во однос евроинтегративниот процес на земјава, изјави Мицкоски на прес-конференција. Мицкоски сега е во дилема дали да го праќа најавеното писмо до Европската Унија со кое рече дека ќе даде нови идеи за продолжување на преговорите, затоа што, како што рече, тој лично им ги соопштил идеите на европските претставници и ги запознал со содржината. Тој ја најави и посетата на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, која во Македонија треба да дојде идната недела, на 24 октомври.

– Имавме посета која ме направи поголем оптимист отколку што бев пред посетата. На маргините за време на работниот ручек, но и другите состаноци што ги имав таму, гледам дека има иницијативи, кои ги спомна и германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок, на прес-конференцијата со министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и мислам дека се она што го водев како разговор и добив како порака и испратив има додадена вредност ако се спореди со состојбата пред мојата посета таму, рече Мицкоски.

Во интерес на разговорите и очекувањата, премиерот не сакаше јавно да споделува детали околу пораките што ги пренел и ги добил, но ја уверува јавноста дека останува на линијата за одбрана на националните интереси и евроинтеграцијата на земјата.

– Мојата порака до граѓаните е дека однесувањето на оваа Влада и моето како премиер, ќе разочара една група луѓе, а тоа се опозицијата. Но да бидат сигурни дека никогаш, ама никогаш и по никоја цена нема да ги изневерам очекувањата на граѓаните, ниту да ги напуштам одредниците кои значат интерес на огромно мнозинство македонски граѓани, а тоа е одбрана на националните интереси и интеграција на земјата во рамките на Европската Унија, нагласи Мицкоски.

Мицкоски не сакаше да ги коментира ниту информациите од брифингот на специјалниот претставник на германската Влада за Западен Балкан, Мануел Сарацин, кој рече дека во Берлин биле одбиени македонските предлози. Премиерот само повтори дека по посетата на Берлин е многу поголем оптимист отколку претходно.

– Ќе продолжиме да ги решаваме проблемите дома, но ќе се бориме надвор со сите сили, кои ги имаме на располагање, врз основа на Копенхашките критериуми, врз основа на вистинските вредности на ЕУ, а тоа не се ултиматуми и диктати, туку разговор, конструктивен дијалог, кој што ќе биде основа за изнаоѓање трајно и долгорочно решение со кое нема едните да бидат понижени, туку напротив сите задно ќе се бориме за одбрана на овие вистински европски вредности. Наша задача како влада која доби повеќе од 600.000 гласа на изборите на 8 мај, прво да ги браниме националните интереси, а национален интерес претставува полноправно членство на земјава во рамките на ЕУ, рече премиерот.

За предлогот на поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи да се донесат уставните измени, но со клаузула дека нема да важат доколку Бугарија во наредните пет години продолжува да го блокира нашето членство во ЕУ, Мицкоски рече дека такво нешто правото не познава.

И вицепремиерот Александар Николоски порача дека во Владата имаат јасна позиција – нема уставни измени под бугарски диктат, без гаранции дека нема да има нови вета.

-Нашата позиција е многу јасна, директна, отворена, а тоа е дека уставни измени под бугарски диктат нема да има и дека единствен начин ова да се реши е да добиеме гаранција дека ова нема да ни се повторува на секои шест месеци, Македонија со шок да се соочува и да имаме нови и нови вета. Еден од начините ние го предложивме – тоа е одложено важење на уставните измени, кои би влегле во сила со денот на ратификација на протоколот за членство на Македонија во ЕУ од страна на бугарскиот Парламент. Доколку навистина Бугарија сака Македонија да влезе во ЕУ, не гледам што им прават разлика три години затоа што, нели, сите велат дека сме подготвени и дека за три години ќе ги завршиме преговорите, рече Николоски.

Претходно од партијата на власт обвинија дека претходната власт на СДСМ и ДУИ ја блокирала државата на патот кон ЕУ.

-СДС и ДУИ ја блокираа државата на патот кон ЕУ, ветуваа членство, а добивме кочници, 7 години СДС и ДУИ ја потонаа државата во криминал и корупција, судството има доверба од 2%, а устите им беа полни со ЕУ. Од ЕУ со СДС и ДУИ Македонија не виде ништо. Од насмеаниот Заев од владиниот авион со лажниот датум, до денес, Македонија само назадува и има нови кочници. Партијата која зборуваше дека ги затворила сите прашања со соседите, наеднаш го создаде најголемото. СДС и ДУИ без консензус прифатија обврски кои сега се пречка и допрва треба да се надминуваат. Владата на ВМРО-ДПМНЕ работи на придвижување на Македонија напред, на засилен раст и развој, истакна вчера на прес-конференција Миле Лефков, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Лидерот на опозициската СДСМ, пак, Венко Филипче повторно побара од премиерот да каже каков е планот за евроинтеграциите. Филипче рече дека ако тој план ги подобрува нашите преговарачки позиции, неговата партија ќе го поддржи.

– Ако има механизам за нашата позиција за преговори да се подобри, ние сме тука да дадеме поддршка, меѓутоа сега сме заглавени, не се оди по патот што го потврдиле сите земји членки на ЕУ со Преговарачката рамка. Сега се одвоивме од Албанија и така заглавени, Владата треба да каже кој е планот и дали воопшто имаат план. Премиерот најавува дека имаме поддршка од некои земји за да ја подобриме преговарачката позиција, односно некое одложено дејство на уставните измени, но министерот Муртезани го демантираше во тоа. Затоа инициравме собраниска седница бидејќи Собранието е местото каде се дискутираат такви работи и се носат одлуки како понатаму, рече Филипче во гостување во дневникот на телевизија „Сител“.

Филипче смета дека вреди да се разгледа предлогот на Османи за носење на уставните измени, со клаузула. (В.С.Н.)