Прага ги забрани групните туристички посети во барови!

    8

    Најсвеж пример на побуна против туристите е Прага, чиј градски совет неделава одлучи да забрани организираното „шетање“ по барови со цел да го спречи однесувањето што им пречи на граѓаните. Туристите сега потешко наоѓаат сместување во атрактивните европски градови. Лондон, Даблин, Амстердам и Париз ги ограничија можностите за изнајмување сместување преку Ер-би-ен-би. Оваа практика ја презеде и Чешка, каде што документ прифатен од Владата кој се уште е во драфт верзија предвидува рестрикции за сместување преку оваа платформа

     

    Веќе никој не ги сака туристите. На многу атрактивни туристички дестинации не се добредојдени оние со скромен буџет, кои летуваат преку агенција или во сопствена режија, доаѓаат со евтини летови и се сместуваат преку букинг или Ер-би-ен-би. На некои места, пак, не ги сакаат ниту оние со подлабок џеб кои доаѓаат со крузери.

    Обрачот околу туристите се стега од сите страни, па не останаа многу дестинации на кои може опуштено да се летува, или само да се прошета неколку дена во текот на годината. Бројот на туристи низ светот од година на година се зголемува, а како што велат домаќините – и нивната некултура. На домашното население, кое во повеќето случаи е помалубројно од туристите што доаѓаат, му пречи претераната бучава, ѓубрето низ улиците и плажите, а особено уништените културни споменици на кои туристите често знаат и да се качат за да направат подобра фотографија или снимка за „Тик-Ток“.

    Најсвеж пример на побуна против туристите е Прага, чиј градски совет неделава одлучи да забрани организираното „шетање“ по барови, со цел да го спречи однесувањето што им пречи на граѓаните. Отсега се забранети турите во баровите организирани од туристичките агенции. Забраната усвоена од локалните советници значи дека вечерното шетање по барови, во кое туристите го следат водичот од бар до бар, повеќе не смее да се прави помеѓу 22 и 6 часот.

    – Нерационалното консумирање алкохол и нарушувачкото однесување поврзано со посета на пабови може да создаде впечаток на немање култура во заедницата, го намалува чувството на безбедност и може да има негативно влијание врз перцепцијата на градот од страна на туристите, потенцијалните инвеститори и самите граѓани – велат од градскиот совет.

    Заменик-градоначалникот на Прага, Зденек Хриб, рече дека нема да биде возможно да се организираат тури со водич во вечерните часови, како и тоа дека на градот му се потребни покултурни, побогати туристи, а не оние што доаѓаат само за да се испијанат.

    Жителите на центарот на Прага постојано се жалат на бучава и врева и тие се загрижени за безбедноста. Улиците се преполни со барови и пивници, а просечниот Чех консумира најмногу пиво во светот. Прага е град со 1,3 милиони жители, кој годишно го посетуваат најмалку четирипати повеќе туристи.

    Шпанија и Италија се веќе стари приказни. Во Шпанија протестите на локалното население против туристите не престануваат. Шпанците ги боли тоа што туристите кои изнајмуваат сместување преку разни интернет платформи, енормно  им ги зголемуваат кириите. Од истите причини туристите сега потешко наоѓаат сместување и во други европски градови. Лондон, Даблин, Амстердам и Париз ги ограничија можностите за изнајмување сместување преку Ер-би-ен-би. Оваа практика ја презема и Чешка. Документ прифатен од Владата кој сè уште е во драфт верзија предвидува рестрикции за сместување преку оваа платформа. Се одредува колку денови еден стан може да биде рентиран така во текот на годината и слично, а резултат треба да бидат пониски кирии.

    Италијанските градови кои се магнет за туристите во секое време од годината, како Венеција, Рим и други веќе наметнаа строги рестрикции, па на туристите не им остана многу повеќе од правото на дишење: не смеат да седнат каде што сакаат, не смеат да јадат на улица, не смеат да се капат секаде, не смеат да носат куфери со тркалца …, а за да влезат во некој град, на пример во Венеција, од оваа година треба и да платат.

    И Грција, туристичката оаза на Балканците, кои немаат море од оваа година, почна да покажува заби. На некои острови е забрането закотвување на крузери за да не се уништи крајбрежјето и да се избегне навалицата од повеќе илјади туристи одеднаш. Некои острови, како на пример Парос, веќе воопшто не сакаат туристи, туку мир и спокој. Летово на грчките плажи имаше големи акции за отстранување на пешкири, лежалки и чадори кои гостите ги оставаа за да си резервираат место на плажа за наредниот ден. Но, без тоа на преполните плажи не може ниту да се стапне, а не да се легне. Истото ова лето  се случуваше и во некои приморски места во Хрватска.

    Црногорците  сè уште манифестираат гостопримство, но и таму во туристичките организации има струи против најсиромашните туристи кои се хранат од маркети. На патлиџан-туристите тие им дадоа ново име – паштета туристи, зашто таа сега е поевтина. Од друга страна, црногорските приморски градови се задушуваат во бетонски зданија кои се градат за да се збогати туристичката понуда.

    Албанија, пак, широко им ги отвора вратите на сите туристи, во сезона применува пристојни цени и гради капацитети за да собере што е можно повеќе гости.

    Но затоа, пак, на далечните дестинации како Малдиви, Куба, Тунис, Занзибар, каде што на одмор заминуваат сè повеќе туристи од Балканот, вклучувајќи ги и македонските, туристичкото уживање сè уште е комплетно. Како нова туристичка дестинација полека се отвора и Авганистан, земја во која владејачките талибанци кои му го загорчуваат животот на домашното население, ги пречекуваат туристите со раширени раце.