Во Европска Унија се влегува без пасош само од едно место во Србија

48

Во Србија има едно место од кое може да се влезе во Европската Унија без пасош, само со лична карта. Тоа е местото Кадибогаз, најнискиот планински премин на северниот крак на Стара Планина каде што минува српско-бугарската граница. Од едната страна е српската општина Књажевац, а од другата бугарската Белоградчик.

Сепак, како што пишуваат српските медиуми, оваа „привилегија“ важи само во рамките на оградениот простор и само во текот на три дена во годината, но зад неа се крие прекрасна историска приказна за проштевањето, љубовта, почитта и братските односи кои, ако има добра волја, секогаш е можно да се градат меѓу  народите.

На тој планински премин се случува една од најнеобичните традиционални манифестации на Балканот – Парламентот во Кадибогаз, кој има долга традиција. Првпат била одржана во 1925 година, со цел да се залечат раните од Првата светска војна, повторно да се зближат соседите, но и да се обединат семејствата кои поради политички околности останале во различни земји. Парламентот последен пат се одржал во 1954 година, а потоа се вклучила политиката и згаснал во наредниот речиси половина век. Обновен е дури во 2001 година и редовно се одржува до денес, а интересно е тоа што оваа традиција не е прекината ниту по влезот на Бугарија во Европската Унија во 2007 година.

Секоја трета недела од јули, границата на Кадибогаз се отвора и три дена преминувањето од српска на бугарска страна и обратно во оградениот простор е можно само со лична карта. Во књажевското село Ново Корито и во селото Салаш во општината Белоградчик, тие денови се одржува голем панаѓур. Луѓето тргуваат, јадат, пијат, пеат, танцуваат, а двете страни организираат и културно-забавна програма. Иако оваа манифестација е претежно од локален карактер, не е невообичаено да доаѓаат и луѓе од далеку, особено од дијаспората. Пред неколку години на местото каде што се одржуваат овие средби е поставен споменик кој потсетува на пријателството меѓу српскиот и бугарскиот народ.

Има интересна приказна и за името на преминот Кадибогаз, кое настанало во турско време. Легендата вели дека ајдуци од Чумина Река на тоа место нападнале турски кадија, кој патувал на коњ, со пари украдени од народот. Ајдуците му ги зеле бисагите со парите, а тој со коњот слетал во кањонот и успеал да се спаси. Ајдуците се смееле гледајќи го како се обидува да се спаси во надојдената река и токму по тој кадија и неговиот богаз, што значи брод, премин преку река, теснецот го добил името Кадибогаз. Но, најголема важност Кадибогаз и целата долина имале во времето на Римјаните, кои пред два милениума таму изградиле пат од калдрма, кој ги спојувал Ниш и Белоградчик.