EPA-EFE/FRANCK ROBICHON

Иако сè уште не седна во болидот на Ред бул (поранешна Алфа таури), Лијам Лосон доби казна поради промена на нова погонска единица. Тој ќе ја започне својата „полноправна“ кариера на тркачкиот викенд во Остин, но веќе е оптоварен со казната.

Оваа информација беше потврдена и од шефот на тимот на Ред бул рејсинг, Кристијан Хорнер, кој рече дека болидот на Лосон ќе добие нова погонска единица.

Инаку, Лосон, по трката во Сингапур, и официјално го замени Даниел Рикардо во тимот на РБ и му стана нов тимски колега на Јапонецот Јуки Цунода. Станува збор за возач што минатата сезона прикажа одлични перформанси во тој тим, тогаш познат како Алфа таури, кога го замени повредениот Рикардо.

Со оглед на тоа дека го наследи болидот на Австралиецот, Новозеланѓанецот ја „наследи“ и ситуацијата поврзана со компонентите, па поради промената на моторот, ќе се соочи со казна од неколку позиции на стартот. Сепак, треба да се напомене дека казната ќе важи за саботниот спринт, а не за главната трка в недела.

Покрај тоа што ќе добие нов мотор, ова е можност Лосон да ја започне кариерата во РБ посмирено, без преголем притисок, барем според Хорнер.

  • Сепак, тој ќе биде споредуван со тимскиот колега, беше брз минатата година. Мислам дека Јуки, исто така, забрза оваа година. Ќе биде фасцинантно да се види колку брзо ќе се адаптира Лијам – порача Хорнер.

Настаните во Остин започнуваат в петок, со слободни тренинзи и квалификации за спринт, по што следуваат спринт-трката и квалификациите за Големата награда на САД в сабота, додека главната трка е закажана за в недела со почеток во 21:00 часот.