Денеска се навршуваат 17 години од смртта на Тоше Проески, славејот со ангелски глас, кој на само 26 години загина во сообраќајна несреќа на автопатот во Хрватска. Целиот регион беше обвиен во црно на 16 октомври 2007 година, особено неговите бројни обожаватели, семејството, пријателите и колегите. Денот кога Македонија ја загуби својата музичка икона, Собранието ја прекина својата седница за да му оддаде почит со едноминутно молчење, а 17 октомври беше прогласен за ден на жалост во земјата.

Автомобилот во кој се наоѓаше Тоше се судри со камион, а пејачот во моментот на несреќата седел на совозачкото седиште и спиел. Покрај него, во автомобилот беа возачот и пријателот на пејачот Ѓорги Георгиевски и менаџерката Љиљана Петровиќ. Се претпоставува дека, поради големата брзина, удриле во камионот. Тоше, кој седеше на совозачкото седиште, почина, додека возачот се здоби со тешки телесни повреди, а менаџерката се здоби со полесни повреди.

Бројни пејачи кои го познаваа, како и најблиските кои не се помируваат дека тој не е повеќе, засекогаш ќе зборуваат за неговиот беспрекорен талент, незаборавниот и незаменлив глас, а пред се добрината на овој уметник. За семејството на легендарниот пејач кој замина прерано, денес е најтешкиот ден во годината.

Животот на Тоше заврши во годината кога одбележуваше десет години успешна кариера и кога таа почна да станува меѓународна. Но албумот на англиски јазик што го подготовуваше беше постхумно промовиран (The Hardest Thing).

Тодор Проески – Тоше е роден на 25 јануари 1981 и својот музички талент го покажал уште како петтоодделенец на фестивалот „Златно славејче“ (1992) каде испеал песна на влашки јазик. Музичката кариера ја почна со победата на „Мелфест“ во Прилеп, во 1997 година, и оттогаш настапуваше на сите значајни фестивали во земјава и регионот, а во 2004 ја претставуваше Република Македонија на Евровизија во Истанбул. Таа година стана и амбасадор на УНИЦЕФ.

Објави седум албуми – неколку и во превод на српски/хрватски јазик. Последниот – „Игри без граници“ беше промовиран две недели пред несреќата, а последниот концерт, кој беше хуманитарен и за подобрување на условите во образованието во Македонија, го одржа на Градскиот стадион на 5 октомври 2007.