Проектот од кој произлезе истоимената конференција „Европската рута на светите Кирил и Методиј во културното наследство на Скопје и Скопско“ е дел од програмата „Европската културна рута на светите Кирил и Методиј“ на Советот на Европа, воспоставена во 2013 г., како интернационална мрежа од земји и партнери што го одбележува и го афирмира наследството на браќата просветители во однос на европското културно наследство. На конференцијата, која се одржа неодамна во Скопје, осврнувајќи се на културното наследство на Кирил и Методиј во македонската книжевност и во уметноста, со свои излагања настапија повеќемина македонски професори и научници од Институтот за македонска литература, но и нивни колеги од Словачка, Чешка и од Бугарија

Проектот „Европската рута на светите Кирил и Методиј во културното наследство на Скопје и Скопско“, кој се реализираше неодамна во Скопје, во организација на Институтот за македонска литература, имаше голем одек кај научната фела во Македонија. Поддржан од Министерството за култура и туризам, проектот е дел од програмата „Европската културна рута на светите Кирил и Методиј“ на Советот на Европа, воспоставена во 2013 година, како интернационална мрежа од земји и партнери што го одбележува и го афирмира наследството на браќата Кирил и Методиј во однос на европското културно наследство. Од 2023 година, во програмата, како рамноправна членка, партиципира и Македонија, преку Институтот за македонска литература при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје, а заедно со институции од Чешка, Словачка, Италија, Словенија, Хрватска, Унгарија, Полска, Бугарија и од Грција. Преку оваа програма се наметнува потребата за поширока соработка на културните чинители и изнаоѓање заемни вредности во третманот на културното наследство и на меѓународен и на локален план, кои имаат цел да ги поврзат народите и различните локации преку мрежите на споделена историја и културно наследство.

По овој повод, на 8 и 9 октомври се одржа и конференцијата „Европската рута на светите Кирил и Методиј во културното наследство на Скопје и Скопско“, на која со свои излагања настапија повеќемина македонски професори и научници од Институтот за македонска литература, но и нивни колеги од Словачка, Чешка и од Бугарија.

проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ

За Кирилометодиевското наследство во Скопје и Скопско како археолошки, историографски и културолошки феномен зборуваше проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ, чија повеќегодишна научноистражувачка дејност е од областа на медиевистиката. Во својата презентација, таа се осврна на современиот третман на културното наследство, на културниот туризам, на геостратешката позиција на Скопје, на сакралните споменици и културното наследство на Градот Скопје непосредно поврзано со кирилометодиевското наследство. Акцентот беше ставен на соборните цркви и нивната улога во духовно-историското милје на Градот Скопје, потоа на улогата на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ и на НУБ „Свети Климент Охридски“, како значаен дел и од образовниот систем во Македонија, кои го потврдуваат големото значење на Скопје како политичка и културна престолнина во етаблирањето и креирањето на современата претстава за значењето на нивното дело, но и на неколку особено значајни споменици посветени на светите Кирил и Методиј во градот и во универзитетскиот кампус.

„Глаголицата како поетска и уметничка инспирација“ беше насловено излагањето на проф. д-р Наташа Аврамовска, директорка на Институтот за македонска литература, а се однесуваше на книжевнотo портретирање на ликовите на апостолите на словенската писменост во современата македонска книжевност – во поезијата, во прозата и во драмата, со фокус врз првото словенско писмо, глаголицата. Актуализацијата на поетскиот и на уметничкиот интерес за глаголицата е посочен како резултат и на книжевно-научните тенденции за нејзината популаризација на пошироката културна сцена како специфичен белег на Охридската Климентова книжевна школа и калиграфски амблем на нашето милениумско културно наследство. Проследени се поетските дела на Анте Поповски („Глаголица“), Димитар Пандев („Глагољубиви песновиденија“, 2016) и песните од сакрално жанровски профилираната стихозбирка „Небото ми е дома“ (2024) на Катица Ќулавкова. Во сферата на уметноста е проследен ликовниот проект, изложбата „Графичка мапа на глаголицата“ (2016) на проф. д-р Трајче Блажевски и проф. д-р Фехим Хусковиќ, а во областа на науката, библиографското издание „Македонска глаголица“ на академик Ѓеорги Поп Атанасов, кое наменето за пошироката публика на неупатените во црковнословенската експертиза им ги открива тајните на ова магично писмо и единственото богатство на до денес зачуваните ракописи со потекло од македонска почва, без кои денес оваа азбука би била заборавена.

Проф. д-р Соња Стојменска-Елзесер, пак, говореше на тема „Портретирањето на светите Кирил и Методиј во современата култура“, при што истакна дека: „Ликовите на светите браќа Кирил и Методиј првенствено се паметат преку претставите во канонските списи и на фреските и иконите што ја следат ригорозната црковна традиција. Повеќе од единаесет века имагинациите за нивните лица, нивните црти и нивните симболични и идеолошки значења се зачувани во канонските прикази, но, исто така, се присутни и во усната традиција, во уметноста, литературата и во медиумите“.

Од областа на современото македонско сликарство, таа посебно ги истакна примерите на портретите насликани од Димитар Кондовски, во кои е постигната извонредна синтеза на традицијата и на модерниот сликарски сензибилитет. Во доменот на литературата, Стојменска-Елзесер го анализираше книжевниот опис на Константин Филозоф во романот на Венко Андоновски „Папокот на светот“, при што забележа извесно „воздржување од прикажување на ликовите на солунските браќа на профан начин, како едноставни луѓе со обични човечки физиономии и карактеристики“. Таа, исто така, го посочи фактот дека „драмата посветена на светите Кирил и Методиј од македонскиот современ класик Горан Стефановски, со наслов ‘Огнени јазици’, не ги вклучува нив како ликови. Нивните имиња и познатите цитати за нив се употребени во претставата, но нема актери кои ги претставуваат на сцената“. Во панорамата на прикази на светите браќа беа истакнати и повеќе популарно-едукативни изданија, меѓу кои и стрипот за светите Кирил и Методиј нацртан од еден од најстарите и најплоднитмакедонски стрип-илустратори, Миле Топуз.

Своето изложување Стојменска-Елзесер го резимираше со зборовите: „Во текот на единаесет века, приказните за светите браќа ја предизвикуваат и ја инспирираат уметничката имагинација, а нивното замислување и прикажување е сè уште незавршена креативна авантура“.

Излагањето на проф. д-р Илија Велев претставуваше научна елаборација на Скопскиот празничен минеј, ракопис што потекнува од почетокот на XIII век и претставува изворен културолошки дел од старословенските писмени споменици со провениенција од Скопје и Скопско. Овој значаен македонски литургиски зборник содржи најмногу застапени преписи од оригинални словенски состави, чии автори се кирилометодиевските ученици свети Климент Охридски и Константин Презвитер, како и други анонимни химнографи – нивни следбеници на сесловенското просветителство.

На конференцијата настапи и Мартина Јанохова, од позиција на член на Постојаниот секретаријат и поранешен директор на меѓународната асоцијација „Европска културна рута на светите Кирил и Методиј“ основана во Злин, Чешка, во 2013 година, со осврт на развојот на рутата од нејзините почетоци до денес. Во своето излагање, таа ги истакна членството на Македонија во рутата од 2023 г. и активностите што се остваруваат и што ќе се реализираат во рамките на проектот.

Конференцијата беше придружена и со посета на манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ на Матка. Притоа, на 9 октомври, Институтот за македонска литература, заедно со учесниците на конференцијата и со гостите од странство, организираше научна екскурзија во овој манастир, каде што во фресоживописот се наоѓаат преставите на свети Кирил Филозоф и на свети Климент Охридски од 15 век.

Како придружен дел на проектот „Европската рута на светите Кирил и Методиј во културното наследство на Скопје и Скопско“, на Институтот за македонска литература и Институтот за македонски јазик во Скопје, со поддршка од словачката амбасада во Скопје и ангажман на словачкиот амбасадор, Хенрик Маркуш, во нашата земја, поставена е изложба што преку фотографии ја следи рутата на движењето на словенските просветители, браќата Кирил и Методиј, во земјите на нивното дејствување. Насловена „По трагите на светите Кирил и Методиј“, изложбата чиј автор е поранешниот министер за надворешни работи на Република Словачка, Павол Демеш, содржи богата фотографска биографија на браќата просветители, како и дигитални репродукции од значајни црковнословенски ракописи создавани во најраниот период од словенската писменост. (Н.И.Т.)

Фото: Ѕ. Плавевски