Бизнис информатор за поголема поддршка на деловните субјекти

11

Од денеска е достапен бизнис информатор за бизнис заедницата од општина Кисела Вода. Од Општина Кисела Вода информираат дека тој е поставен на општинската веб страница и на едно место, нуди клучни информации за поддршка на бизнисите преку конкретни услуги или иницијативи.

-Се работи за пилот проект кој го реализираше Општина Кисела Вода заедно со Проектот на УСАИД за зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите. Оваа интерактивна алатка на деловните ентитети кои се евидентирани на ГИС порталот, им нуди широк спектар на дигитални и административни услуги за поддршка – соопштија од локалната самоуправа. 

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски истакна дека оваа интерактивна алатка претставува еден важен чекор во правец на зголемена поддршка за бизнисите и преку неа, на деловните субјекти им се овозможува брз и лесен пристап до потребните информации за поддршка и развој.

-Особено е важно да нагласам дека ова е само почеток. Во наредниот период, бизнис информаторот ќе биде надграден со нови функционалности и услуги, со цел уште подобро да одговори на потребите на нашата бизнис заедница. Развојот на поволна бизнис клима е еден од нашите врвни приоритети и Општина Кисела Вода преку низа чекори секојдневно работи на нејзино подобрување. Веруваме дека преку оваа алатка ќе обезбедиме поголема транспарентност, олеснување на административните процеси и поттик за поинтензивен економски развој во нашата општина – изјави Ѓорѓиевски.

Тој нагласи дека е сигурен оти со вакви и слични проекти ќе се зајакне позицијата на Кисела Вода како динамична и напредна општина, која активно работи на унапредување на животните услови и деловните можности за сите.