Проблемот со крадењето на капаците од шахтите повторно се актуелизира во Гази Баба. Жителите на оваа општина се жалат дека несовесни граѓани ги одземаат капаците и ги оставаат шахтите отворени, што претставува потенцијална опасност некој да пропадне и да се повреди. Дури некои совесни граѓани за да не се случи несреќа самоволно, отворените шахти ги покриваат со гранки. Состојбата велат станува алармантна и сметаат дека треба под итно нешто да се преземе.

– Украдени се два капака од две шахти на велосипедската патека спроти „Пивара“ во Автокоманда. Ги покрив со гранки за да не се отворени. Но, мора да се санираат брзо за некој да не ги тргне гранките – предупредува Тодор Ружинов.

Граѓани укажуваат и дека отворена шахта без капак има и на улицата „Перо Наков“ кон „Годи“. Други, пак, реагираат дека е време да се стави крај на „старо купувам“, а трети пак сметаат дека треба да се казнуваат и откупувачите на капаците од шахтите како старо железо.

– Така се правеше и во времето на некогашна Југославија и се стави крај. Полицијата не треба да спие – вели Богданка Рилкова.

Од повеќето отпади за откуп на старо железо велат дека не примаат капаци од шахти, бидејќи нивниот откуп е строго забранет со закон, но има и такви кои ги откупуваат ако се лично ваши.

– Кај нас нема донесено капак од шахта. Не ги ни откупуваме, забрането е со закон. Обично ги носат кај Новоселски пат во Визбегово. Кај нас плаќањето се врши трансакциски и тоа на оние што ги носат капаците не им одговара – тврдат од „АС Босфор“ и велат дека старото железо го откупуваат по цена од 15 денари за килограм, додека лимот по 13 денари.

Од „Бубо металика“, пак, откупуваат старо железо по цена од 12 до 18 денари, во зависност од типот на железото. И оттаму велат дека 10 години не откупуваат капаци од шахти, бидјеќи како што нагласија тоа е строго забрането.

– Не ризикуваме да откупуваме капаци од шахти, бидјеќи казните се големи – потенцираат од „Бубо металика“.

Во „Далас два“ откупуваат капаци од шахти, но велат само да не се крадени. А на прашањето од каде ќе знаат дека не се крадени одговорија дека ги фотографирале бројките од капакот и ја запишувале личната карта од тој што им го донел капакот и така се обезбедувале.

Сличен одговор добивме и од „Отпад суровина“ од каде потврдија дека откупуваат капак од шахта, но ако е само лично на оној што го донел.

– Оној што го носи капакот ќе се потпише и ќе гарантира дека е лично негов капакот – нагласија од „Отпад суровина“.

И од јавното претпријатие „Водовод и канализација“ потврдуваат дека, за жал, капаците од шахтите и решетките од сливниците се мета на препродавачи на старо железо, докажано во текот на годините. Оттаму истакнуваат дека во однос на локациите и немало некое правило по кое се водат крадците на капаците.

Според податоците од претпријатието, од почетокот на годината, односно од јануари, 2024 година до 07.10.2024 година биле украдени вкупно 27 капаци на шахти од тежок тип, од кои 20 само на територија на општина Гази Баба и 12 решетки на сливници, сите на територија на општина Гази Баба.

При тоа, од ЈП „Водовод и канализација“ нагласуваат дека украдените капаци се заменуваат со нови, веднаш по пријава од страна на граѓаните или по утрвдување на недостаток на капак од страна на теренските екипи на претпријатието. Оттаму, додаваат дека веќе подолго време на капаците на шахтите поставуваат системи за нивно заклучување, а на одредени места тие и се заваруваат.

– Исто така, се врши и замена на железните решетки со решетки од композитен материјал, кој не е атрактивен за кражба или продажба. Во согласност со своите ингеренции, ЈП „Водовод и канализација“ ја пријавува секоја кражба во полиција, од каде се постапува по однос на пријавата – одговорија од претпријатието.

Дека замената на украдените капаци на шахтите претставува трошок за ова претпријатие говорат и податоците, според кои, цената за еден капак за шахта, земена од тендерот за набавка на капаци за оваа година е 15.989 денари, а цената за една решетка за сливник е 21.122 денари.

(А.П.)