„Министерството за култура во своите ингеренции го има и туризмот. Во тој контекст, пред нас имаме јасна цел: да ги поврземе и да ги унапредиме овие два сектора, не само како важни носители на економскиот развој туку и како клучни фактори во зачувувањето на нашите идентитет, традиција и уникатност“, истакна министерот за култура и туризам Зоран Љутков

 

„Скопје ќе има Универзална сала, но на законски и легален начин, музејскиот комплекс ‘Музеј на вода’ ќе го врати стариот сјај, а скопското Кале ќе стане активна туристичка атракција“, ова се само дел од проектите за кои, според министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, веќе се преземени активности. Во својот отчет за 100. дена мандат, тој вчера посочи бројни активности што се преземени, а една од нив е соработката со германскиот туроператор, компанијата РСД, партнерство што треба да ѝ донесе на Македонија 35 илјади туристи од Европа годишно.

„Министерството за култура во своите ингеренции го има и туризмот. Во тој контекст, пред нас имаме јасна цел: да ги поврземе и да ги унапредиме овие два сектора, не само како важни носители на економскиот развој туку и како клучни фактори во зачувувањето на нашите идентитет, традиција и уникатност“, истакна министерот Зоран Љутков.

Во однос на Универзалната сала, на која ѝ даде особено внимание, тој посочи дека

по темелно и стручно прегледување на целокупната документација, процес што траел два месеца, извештајот е готов и фактите потврдени од професионалци и искусни правници, вработени во Министерството за култура и туризам, велат дека Универзалната сала е преземена од Град Скопје во Министерството за култура и туризам на незаконски начин, во постапка што е проблематична, со прекршувања на повеќе закони.

„Моја должност е да го исправиме сето ова за да можеме да продолжиме во интерес на еден толку значаен објект како што е Универзална сала, а во интерес на граѓаните на нашата држава. Во соработка со досегашните учесници, во градбата во тек е подготовка на стручен извештај со податоци, односно пресек на извршени и на незавршени градежни работи на објектот, исплатени и неисплатени позиции од градежни работи по времени ситуации (за градежни работи што се пријавени и што останале непријавени од претходен инвеститор и изведувач), како и од евентуална потреба од изведување дополнителни и непредвидени градежни работи што се предизвикани од немилиот настан (пожар) од првата фаза на објектот на Универзална сала во Скопје. Со оглед на немилиот настан (пожар), констатирано е дека изработената техничка документација за реконструкција на Универзалната сала се преиспитува, дали постојната состојба има потреба од изработка на нова техничка документација. Министерството за култура и туризам во меѓувреме достави до Владата на РСМ измени и дополнувања на постојниот Закон за културата, со кои ќе се нормира надлежноста на МКТ да го врши правото на реконструкција и над објекти што се во општинска сопственост. Универзална сала ќе биде изградена, но исклучиво во постапка што е легална и ги почитува сите законски норми“, потенцираше вчера министерот Љутков.

Тој понатаму посочи и дека се започнати или продолжуваат стопираните или заглавени проекти, меѓу кои реконструкција на Музејот на Македонија, за кој е изработен проект за темелна реконструкција, а веќе се води постапка за добивање одобрение за градба. Како што кажа, започната е и постапка за добивање одобрение за реконструкција на објектот на поранешното кино „Партизан“ при Народниот театар – Битола, а деблокиран е и процесот за изградба на Театарот во Струмица.

„Продолжува изградбата на Турскиот театар и на Театарот и на библиотеката во Тетово. Заврши постапката за обезбедување на проектната документација за реконструкција на Центарот за култура во Прилеп со доградба на дел за Театарот, а продолжува и реконструкцијата на Театарот во Куманово. Исто така, спроведена е постапка за капитални дотации за општините, за проекти во надлежност на Министерството за култура и туризам, преку која дополнително се обезбедени средства за 2024 г. со ребалансот, во износ од 78 милиони денари. Се работеше и на музејскиот комплекс ‘Музеј на вода’. Уште во првите 20 дена овозможивме доекипирање со соодветен кадар и подобрување на условите за работа на вработените, додека за нормално функционирање на музејскиот комплекс, извршена е и реконструкција и модернизација на оштетениот систем за наводнување. За следната година можам да најавам дека интензивно ќе се работи на санација на платформата на наколната населба и на покривните покривки на колибите, а тоа ќе овозможи овој уникатен музеј да си го врати стариот сјај“, додаде Љутков.

Тој се осврна и на Плаошник, каде што Управата за заштита на културното наследство ги зголеми активностите за довршување на изградбата на Светиклиментовиот универзитет. За Куќата на Робевци, според министерот Љутков, веќе е завршена јавната набавка за менување на дограмата и за санација на фасадата со рок за изведба до мај следната година. Завршена е и јавната набавка за реконструкција на покривот и за менување на подот, а веќе се работи и на Магазата, со што овој музејски комплекс ќе биде целосно ревитализиран.

„Во Kурбиново е завршена конзервацијата на ѕидното сликарство во внатрешноста на црквата, а за следната година останува да се заврши конзервацијата на живописот на фасадата на истата и да се изведе натстрешникот на нејзиниот влез.

„Во манастирот ‘Трескавец’ во Прилеп се завршени сите активности од наша страна и можам да најавам дека монашкото братство од ‘Трескавец’ може да се всели во возобновениот источен машки конак, а интензивно се работи и на санација и на реконструкција на црквата ‘Успение на Пресвета Богородица’ од 12 до 14 век, во рамките на манастирскиот комплекс ‘Трескавец’. Интензивно се работи и на археолошки истражувања на локалитетот Билазора – Свети Николе, а почнати се и преговори за експропријација на земјиштето, за што обезбедивме и дополнителни средства. Во Баргала продолжуваме да инвестираме во поголема искористеност на туристичкиот павилјон во состав на локалитетот и за промоција на црквата „Свети Ѓорги“. Заводот и музеј Струмица, пак, изработи проект за покривна конструкција на археолошкото наоѓалиште Бања Банско. Со цел отворање на скопското Кале, кое со години е затворено за јавноста, ве информирам дека во најскоро време ќе се изврши негова ревитализација како активна туристичка атракција“, потенцира Љутков.

Во однос на Старата скопска чаршија, пак, додава, се преземаат сериозни мерки за нејзина ревитализација, а се обезбедени и средства за Националниот конзерваторски центар за завршување на проектот за конзервација и реставрација – препокривање на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во манастирскиот комплекс „Матејче“, како и за проектот за реставрација, санација и ревитализација на конакот во Лешочкиот манастир „Свети Атанасие“ (шеста фаза). Изработен е и конзерваторски проект за конзервација и реставрација на 20-те икони илегално изнесени во Албанија и вратени кај нас дома.

Министерот Љутков ги посочи и активностите во однос на законските регулативи.

„Сакам да ве информирам дека е изработена и национална стратегија за културното наследство, која е во процедура на усвојување. Во тек се и консултации за потребата од подготовка на нов закон за заштита на авторското право и сродните права, а се работи и на изработка на нов закон за култура…“, истакна, меѓу другото, Љутков. (Д.Т.)