Јапонската компанија „Тојота“, по 15 години, се враќа во Формула 1, откако потпиша повеќегодишен договор за техничко партнерство со тимот на Хас. „Тојота“ нема да има свој тим во Формула 1, туку ќе „сподели експертиза, знаење и ресурси“ со тимот на Хас, односно ќе дава технички, производствени и дизајнерски услуги.

Хас ќе продолжи да се натпреварува под свое име, а „Тојота“ нема да го снабдува тимот со мотори, како што го правеше тоа со другите тимови во 2000-тите. Тимот на Хас ќе се снабдува со мотор од Ферари до 2028 година.

Името на компанијата ќе биде запишано на болидите на тимот на Хас што ќе стартува на следната трка за ГН на САД, на 20 октомври, во Остин, Тексас.

„Тојота“ помина осум сезони во Формула 1, до 2009 година, и за тоа време имаше 13 пласмани на подиумот, а најдобар резултат ѝ беше четвртото место во шампионатот за конструктори.