„Шанса за Центар“ се спротивставува на неодговорна политика на трошење на буџетските средства на Општина Центар.
-Половина милион евра од буџетот на Центар за последните две години отидоа во КК „Работнички“, а со тие средства сигурно можеше да се изработат неколку квалитетни урбанистички планови – сметаат од „Шанса за Центар“.
Тие додаваат дека последната вонредна седница на Советот во Општина Центар покажала оти приоритетите на локалната власт се повеќе насочени кон финансирање на спортски клуб отколку кон подобрување на условите за живот на граѓаните преку квалитетно урбанистичко планирање на просторот.
-За нас ова е голема срамота! – потенцираат од „Шанса за Центар“.
Тие на оваа седница поставиле повеќе прашања, но за жал, како што велат тие повторно останале неодговорени.
„Нашите прашања беа: Дали недостигот на средства за клубот е причина за вонредната седница?, Како пропаднало спонзорирањето кое беше помпезно објавено на прес-конференција во присуство на претходниот премиер на државата? Какво е тоа катастрофално финансиско планирање на клубот кое сега ќе троши дополнителни општински пари? Се прави ли анализа како да се надмине состојбата по пример на други клубови? Кои се приоритети при планирање на финансиите во општината кога средства се пренаменуваат од урбанизам во спорт?“.
Од „Шанса за Центар“ потенцираат дека граѓаните заслужуваат транспарентност, партиципативност и квалитетни урбанистички решенија базирани на анализи и ажурни податоци, а не едностранo финансирање на спортски клубови.