Граѓаните не знаат како се трошат народните пари во нивните општини

34

Една четвртина од општините немаат донесено буџетски календар, а од оние кои ги имаат донесено, 89% го донеле календарот надвор од предвидениот рок. Мнозинството општини, односно 60% сè уште не го имаат донесено предлог-планот за програми за развој, а општините кои го имаат донесено, тој е надвор од законскиот рок. Ова е нотирано во Извештајот на Здружението за истражување и анализи ЗМАИ, во кое се опфатени 81 единица на локалната самоуправа во Македонија.

Се посочува дека просечната вредност на Индексот за отвореност на општините за 2023 година изнесува 37,4, што укажува на значителен простор за подобрување на отвореноста на општините. Индексот за отвореност покажува колку општините ги споделуваат информациите поврзани со граѓаните, но и како локалните самоуправи известуваат за начинот на трошење на парите на граѓаните, како и на кој начин и во која мера граѓаните и маргинализираните групи се вклучени во општинските буџетски процеси.

– Првпат од воспоставувањето на индексот, една општина, а тоа е Берово достигна над 80 поени, што ја вклучува во категоријата на сеопфатно отворени општини – се наведува во истражувањето на ЗМАИ.

Веднаш зад Берово, како најотворени општини се Валандово, Битола, Струмица, Богданци, Центар, Велес, Градско, Град Скопје, Крива Паланка, Брвеница, Илинден. Во долниот дел од табелата или општини со најниска отвореност се Тетово, Чаир, Долнени, Сарај, Росоман.

– Иако во изминатиот период општините добиваа техничка поддршка за трансформирање на буџетските податоци во отворен формат, сепак 72% од општините воопшто не ги објавуваат овие податоци во отворен формат. 64% од општините во Македонија немаат објавено граѓански буџет, а 90% од граѓанските буџети кои се објавени ги содржат сите четири основни делови на еден граѓански буџет – стои во извештајот.