Јанчев: Учениците бесплатно ќе скијаат во ски-центарот, што се гради на планината Кожуф

36

Учениците бесплатно ќе скијаат во ски-центарот, што се гради на планината Кожуф, обезбедени се и скии што ќе можат исто така бесплатно да ги користат, најави градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев.

Тој информираше дека сите наставници по физичко и здравствено образование ќе бидат вклучени во активностите, да ги доближат вештините на скијање до учениците. Градоначалникот најави дека очекува, скијачката патека да биде пуштена во употреба до крајот на декември, со исполнети сите безбедносни услови.

– Кожуф планина е благодат за општината и државата. Тука е детското одморалиште „Михајлово“, ова важи за воздушна бања. Кон активности на терен пристапивме откако претходно ги добивме сите дозволи од надлежните институции. Кожуф како планина, во овој дел доста долго го задржува снегот. Речиси преку целата зима има снежна покривка. Сезоната може да се продолжува и со вештачки снег – појасни Јаначев.

Градоначалникот рече дека патеката што зиме ќе се користи за скијање, во лето ќе може да служи за спуштање со велосипеди и други спортски и рекреативни активности, ќе биде осветлена. Тој наведе дека содржините што ќе бидат наменети за сите генерации, ќе се дополнуваат и нема да бидат само комерцијални.

Донациите што ќе пристигнуваат за центарот, ќе одат преку спортскиот центар „Јасмин“, што ќе стопанисува со скијачкиот комплекс, скијачката патека. Комерцијалните цени ќе ги утврдува Советот на Општина Кавадрци.

Јанчев додаде дека местото што е оддалечено околу 35 километри од Кавадарци, има потенцијал и за понатамошен туристички развој со ресторанско и хотелско работење, индивидуални сместувачки капацитети.

Градоначалникот повтори дека теренските работи се донација од општествено одговорната фирма „ЈА МИ“ – Кавадарци.