„Милтон само долеа масло на огнот“: Нови снимки од Флорида/ВИДЕО

897
EPA-EFE/CRISTOBAL HERRERA-ULASHKEVICH

Ураганот Милтон, најсилниот во последните сто години, ја погоди Флорида. Иако ослабе од категорија 5 до категорија 2 пред да стигне до брегот на Флорида, ураганот зад себе остави пустош. Во тек е санација на штетите и потрагата по жртви. Досега бројот на загинати се искачи на најмалку 16 откако беше пријавена смрт во округот Оринџ, Флорида. Еден човек загина откако, наводно, згазнал на соборениот далновод додека ја чистел штетата од ураганот, соопшти канцеларијата на шерифот на округот Оринџ.

Ураганот Милтон додаде „масло на огнот“ откако Флорида веќе беше погодена од ураганот Хелена минатиот месец, изјави извршниот директор на непрофитната организација Rebuilding Together Tampa Bay.

„Работите се многу лоши. Дури денес, кога бевме на теренот, ја сфативме големината на штетата, особено за оние кои веќе беа погодени од ураганот Хелена. Така што во основа ова беше додадавње масло на огнот“, изјави Хозе Гарсија.

Гарсија разговараше со новинарите на Sky News од неговиот автомобил, велејќи дека и во неговиот дом снемало струја.

„Мислам дека не сфативме колку лошо ќе биде кога целата оваа вода ќе дојде до Тампа“, нагласи тој, додавајќи дека се надева дека нема да има повеќе дожд во текот на викендот за да може неговиот тим да им помогне на што е можно повеќе луѓе.

Тој процени дека ќе бидат потребни две до три години за обнова по двата урагани. Иако потврди дека постарите згради се посериозно оштетени, тој предупреди:

„Како што добиваме посилни домови, добиваме и посилни бури, едно по друго, што постојано создава ризик од катастрофи“.