Одбележан денот на менталното здравје: Не дозволувајте да прегорите на работното место!

39

Не дозволувајте да прегорите на работното место, кажа директорката на Универзитетската клиника за Психијатрја, д-р Славица Арсова, по повод одбележување на десетти октомври, Светскиот ден на менталното здравје.

Таа истакан дека менталното здравје не е луксуз, туку потреба и право на секоја индивидуа. Ментално здравје, значи не само отсуство на некоја болест, туку да се чувствуваш радосен и среќен. Годинава целта е да се подигне свеста за менталното здравје поврзано со работата, бидејќи најголем дел од времето во текот на неделата го поминуваме на работното место.

„Работата му дава смисла на човекот и треба да биде поттик и извор за секоја индивидуа да биде поефикасна, не само на работното место, туку и надвор, да се чувстува исполнето, среќно… Но, за жал не е секогаш е така, постои синдром на прегорување, токму тоа сакаме денес да кажеме, да не дозволиме да прегориме во текот на работниот процес да ни се истрошат сите телесни и ментални снаги и да добиеме одредени потешкотии кои потоа ќе се одразат не само на нашата лична благосостојба туку и на работниот процес и на општеството во целина, кажа Арсова.

Изминативе неколку години е зголемен бројот на пациенти на Клиниката за Психијатрија, но тоа не значи дека повеќе луѓе се болни, туку дека се повеќе информирани за тоа колку е важно металното здравје.

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), неодамна излезе со податоци дека самоубиството е трета водечка причина за смрт кај лица на возраст од 15 до 29 години во светот. Повеќе од 720.000 луѓе се самоубиваат секоја година, а 73 проценти од глобалните самоубиства се случуваат во земји со ниски и средни приходи.