Унгарскиот ракометен гигант Веспрем успеа да обезбеди значаен потпис за во иднина откако се договори за соработка со Емил Нилсен, извонредниот голман кој блеска во дресот на Барселона и на данската репрезентација. Транферот е договорен од јули 2026 година, по истекот на актуелниот договор што Нилсен го има со каталонскиот гигант.

Данецот од 2022 година е член на Барса по трансферот од Нант, од година во година неговата форма се движи во нагорна линија, па Нилсен неслучајно во последно време се споменува како еден од Топ 3 голманите во европскиот ракомет. Барселона се обидуваше да го убеди на продолжување на соработката, но тој ја одби и последната понуда со значително зголемување на платата.

Ова практично значи дека Барса за максимум две години ќе остане без двајцата врвни голмани, ако се знае дека Гонзало Перез де Варгас веќе го договори трансферот во Кил, каде ќе замине во јуни 2025.