Скинат кабел, создаде сообраќаен хаос во Скопје

473

Утринава на Скопје му се случи невиден сообраќаен хаос. Долги колони возила, нервозни возачи и вклучени автомобилски сирени. Семафорите на потегот од ТЦ „Ист Гејт“, кон ТЦ „Мавровка“ не работеа, а сообраќајот го регулираа полицајци.

Скопјани се прашуваа што се случува, па дури кружеа информации дека нешто се запалило и тоа го предизвикало застојот во сообраќајот.

-Од Ченто до зградата на некогашна „Нова Македонија“ патував еден час. Колоната автомобили се формираше од „Ист Гејт“ и беше се до семафорите кај мостот „Гоце Делчев“. Натаму веќе немаше проблеми. Луѓето не можеа навреме да стигнат на работа, а згора на се нервозата беше голема – раскажува скопјанка која сакаше да остане анонимна.

Други граѓани, пак реагираа дека тоа не се случило само во тој дел на градот, туку и во Ново Лисиче.

-Немаше автобуси. На автобуската станица во Ново Лисиче можеби чекавме 40 луѓе. Кога видовме дека не доаѓа возило на ЈСП, повеќето се упативме пеш кон центарот на градот. Моравме така, бидејќи требаше да стигнеме на работа – вели Д. П.

Од МВР пак објаснија дека автобус на ЈСП поткачил и скинал надвиснат кабел на надвозникот кај стоковната куќа „Мост“, па поради тоа што требало време тој да се санира, сообраќајот бил во застој.

-Веќе во 8.15 часот беше отстранет дефектот и сообраќајот постепено почна да се нормализира – истакнаа од МВР.

(А.П.)